Дете се повредило откако паднало на игралиштето во кругот на училиштето „Димо Хаџи Димо

Едно дете се наоѓа во кома на КАРИЛ, откако се повредило играјќи си на таканареченото игралиште за инклузивност, во кругот на основното училиште Димо Хаџи Димов во скопската населба Влае

Малиот Ангел, од 7б одделение во ОУ „Димо Хаџи Димов“  играјќи си на игралиштето во кругот на училиштето се здобил со тешка телесна повреда и се наоѓа на КАРИЛ во коматозна состојба, пишуваат  медиуми.

До повредата дошло откако на игралиштето кое е наменето за деца со хендикеп, малиот Ангел влегол и почнал да се лула на лулашка која е наменета за деца во количка. Тоа значи дека лулашката е поголема од стандардните и тешка неколку стотина килограми. Ненадгледуван од никого, Ангел почнал да се лула кога ја заглавил ногата во лулашката и паднал, а до повредата дошло кога седиштето кое е предвидено да собере количка за хендикепирани лица се вратило назад и го удрило момчето во пределот на вилицата, по што тој изгубил свест.

На ова игралиште ова не е прв случај во кој се повредени ученици. Минатата недела имало три случаи во кои за среќа полесно биле повредени неколку дечиња, но општината се уште нема изнајдено соодветно решение за обезбедување на ова игралиште, кое доколку не се користи соодветно и за намената за која е предвидено, е опасно по здравјето на учениците.