Детектор анкета: Државата нема соодветна поддршка ниту за спорот, ниту за културата

Државата нема соодветна поддршка ниту за спорот ниту за културата, сметаат граѓаните во последното истражување на јавното мислење кое за Детектор телефонски го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 59,3% од граѓаните мислат дека државата несоодветно го поддржува развојот на спорот, додека 22,4% сметаат дека поддршката е соодветна. Дури 70,9% од анкетираните се на став дека државата треба да му стави на спортот повеќе средства на располагање, 13,1% сметаат дека сумата која сега се одвојува е доволна, додека 5,5% сметаат дека за спортот државата треба да одвојува помалку пари.

Близу половина од анкетираните или 48% сметаат дека Агенцијата за млади и спорт работи несоодветно во насока на поддршка на спортските активности и младите, додека 29,6% се на став дека АМС соодветно ја врши својата функција.

Речиси три четвртини од граѓаните или 72,8% сметаат дека бројот на часови по физичка култура во училиштата треба да се зголеми додека 13,1% мислат дека не треба.

Слични се резултатите за перцепцијата на граѓаните и во однос на поддршката која државата ја дава за културата.

Така, 51,6% се на став дека државата нема соодветен пристап за развој и поддршка на културата додека 26,2% сметаат дека пристапот е соодветен.

Големо мнозинство од 63,4% сметаат дека државата треба да обезбеди повеќе средства за поддршка на културата, 14,3 се на став дека средствата кои сега се одвојуваат се доволни, додека 6,1% сметаа дека треба да се одвојуваат помалку средства. 51,4% се на став дека не е соодветен изборот на културни манифестации кои добиваат поддршка од државата, додека 23,6% сметаат дека државата прави правилен избор.

Повеќе од половината, или 56,2% сметаат дека светски признатите уметници не добиваат соодветна поддршка од државата, додека 20,3% сметаат дека поддршката е соодветна.

За да се добие поддршка поважна е политичката припадност на авторите сметаат 52,5% од анкетираните додека 25,6% сметаат дека поддршката од државата за проектите од културата се базира исклучиво врз квалитетот на авторите.

Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје преку телефонска анкета во периодот од 10 до 13 февруари оваа година врз репрезентативен примерок од 1104 испитаници со маргина на грешка од плус-минус 3%.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.