Детектор: Граѓаните се против увоз на отпад и целосно подготвени да почнат со селекција

Речи си и да нема граѓанин кој не се противи на политиката на увезување на отпад, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 89,6% од граѓаните се против увезување на отпад во Македонија, додека само 3,9% даваат поддршка.

49,1% од анкетираните сметаат дека во Македонија е дозволен увоз на отпад од други држави, 27,4% сметаат дека има забрана додека 23,4% велат дека немаат информација.

Близу две третини од граѓаните или 65,9% сметаат дека во државата се уште има опасен отпад како последица од работењето на одредени институции додека 11,9% мислат дека сето тоа е исчистено.

63,9% од анкетираните сметаат дека депониите не работат во согласност со законските норми, додека 15,1% се на став дека тие работат законски.

48,4% од анкетираните сметаат дека бројот на диви депонии во изминатите неколку години се зголемува, 25,9% дека останува ист а само 7,1% се на ставот дека бројот на диви депонии во споредба со минатите години е намален.

Според анкетираните граѓани, членството во Европската унија ќе помогне полесно да се надмине проблемот со менаџирање на отпадот. Ваков став дела 40,9% од анкетираните. 26,4% сметаат дека нема да има некоја разлика додека 15,7% сметаат дека по членството во ЕУ уште потешко ќе се надмине проблемот со менаџирање со отпадот.

Истражувањето на Детектор покажува дека за граѓаните е многу важно решавањето на проблемот со менаџирање на отпадот. Важноста на решавањето на овој проблем на скалата од 1 до 5 58,7 од граѓаните го оцениле со „петка“ додека 16,3% со „четворка“. „Тројка“ ставиле 15,2%, за „двојка“ се одлучиле 5,8% и само 1,3% за единица. Огромно мнозинство граѓани или 88,2% велат дека се подготвени да го селектираат својот отпад доколку за тоа постојат соодветни услови, додека само 3,2% не би селектирале.

Сепак во моментов, само 24,6% од граѓаните го селектираат својот отпад, 34,7% тоа го прават само делумно а 39,2% воопшто не селектираат.

Дека граѓаните се подготвени да се вклучат во подобрувањето на квалитетот на животната средина покажува и податокот дека 72,9% од нив сметаат дека законски треба да се ограничи користењето на пластика за една употреба додека 12,9% се против.

Сепак, дури 82,7% велат дека се уште користат пластични кеси за една употреба, додека само 15,7% велат дека не го прават тоа.

Анкетата на Детектор покажува дека во моментов, 83% од граѓаните се приклучени на канализационата мрежа додека 15% се уште дома немаат канализација.

Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор телефонски го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1105 испитаници во периодот од 8 до 11 јануари годинава со маргина на грешка од плус-минус 3%.