„Дететектор“ истражување: Македонија нема соодветен пристап за справување со аеро загадувањето

Греењето како водечки причинител за загадувањето мотивира 65,4% од граѓаните да го променат типот на греење со цел тоа да се намали, a осум од десет граѓани, очекуваат дека државата треба да обезбеди субвенции за еколошко затоплување и да воведе и еколошки такси за греење кое го загадува воздухот.

За 86% од граѓаните загадувањето на воздухот е проблем кој ги загрижува, покажа најобемното истражување на јавно мислење од ваков вид во Македонија, спроведено специјално за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител.

Загадувањето на воздухот беше и темата на првото издание на оваа емисија во која гостуваа заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, експертот за апроксимација за Поглавјето за пристапување кон ЕУ 27, Јадранка Иванова и Ана Чоловиќ Лешоска од Еко свест.

Според истражувањето, граѓаните сметаат дека транспортот, греењето и отпадот се водечки причинители на загадувањето, а потоа следуваат индустријата и градежништвото. Мнозинството од граѓаните (58,7%) сметаат и дека земјава нема соодветен пристап за справување со загадувањето на воздухот како и дека квалитетот на воздухот оваа година останува сосема ист споредено со минатата (51,7 %).

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули истакна дека „со новата стратешка програма за намалување на загадувањето, со замената на печки во 1000 домаќинства, поврзување на неколку илјади станови на централното парно греење и со други мерки како зголемено озеленување со автохтони садници“, очекува драстично намалување на штетните емисии во воздухот. „Овој план за почеток е двогодишен и има амбициозен таргет да го намали загадувањето за 50 %“ рече тој.

Греењето како водечки причинител за загадувањето мотивира 65,4% од граѓаните да го променат типот на греење со цел тоа да се намали, a осум од десет граѓани, очекуваат дека државата треба да обезбеди субвенции за еколошко затоплување и да воведе и еколошки такси за греење кое го загадува воздухот.

Јадранка Иванова, експерт за апроксимација за поглавјето 27, потсети дека и отпадот е извор на загадување. „Во земјава има повеќе од 53 илегални депонии кои што се користат од страна на општините и тие и понатаму претставуваат извор на емисии на ПМ честички во воздухот“.

Според 43,5 % од граѓаните, Македонија во моментов воопшто не ги исполнува стандардите и препораките на ЕУ во однос на загадувањето на воздухот, а 44,4 % сметаат дека Македонија полесно би се справила со загадувањето доколку стане членка во ЕУ.

Истражувањето на тема „Загадување на воздухот“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), во периодот помеѓу 8 и 13 јануари 2019 на 1091 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.