Детската градинка што се гради во Штип, треба целосно да биде готова до крајот на годината

Денес увид во изградбата на градинката направија Министерот за Локална самоуправа Горан Милевски и градоначалникот Благој Бочварски.

Изградбата на овој објект е предвидено да чини околу 52 милиони денари, од кои Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој инвестираат 30 отсто од средства или 16 милиони денари, додека останатите средства се инвестиција на Општина Штип. Во реализацијата на проектот е вклучено и Министерството за труд и социјална политика, кое вети внатрешно да ја опреми градинката.

,,Градиме инфраструктура со план, она што им е потребно на граѓаните. Во 2019 година ги дуплиравме средствата за рамномерен регионален развој. Од оваа Програма во овој регион се финансираат вкупно 14 проекти за развој на регионот, селата и специфичните подрачја, во вкупна вредност од 49 милиони денари“, рече Милевски.

Новата градинка ќе биде според сите стандарди, а во неа ќе се згрижат околу 200 дечиња, но и дополнително ќе се вработат нови воспитувачки и технички кадар,потенцира штипскиот градоначалник Благој Бочварски.

Таа е на површина од 1.600 метри квадратни и се наоѓа во населбата „Сењак“, кон којашто гравитираат и населбите „Дузлак“, „Автокоманда“, „Дузлачки рид“, „Света Недела“.