Детските градиники може да почнат со работа веќе во септември, најави Филипче

На прашањето кога ќе се отворат градинките министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека се е подготвено и на владина седница ќе треба да се одлучи кога точно ќе почнат со работа, според него градинките се подготвени и може да почнат со работа и во септември.

„Уште пред неколку месеци ги разработивме новите протоколи за градинките  во таа смисла со намалување на бројот на децата во групите и едукацијата на воспитувачите сметам дека е безбедно отворањето на градинките, датумот за нивно отворање ќе биде одлучен на владина седница, лично сметам дека тие може да почнат со работа и во септември“, изјави Филипче.

„На последниот состанок на Комисијата за заразни болести зборувавме и за алгоритмот како би постапувале кога би се појавило некое дете со покачена телесна температура. Во таа смисла, имавме заеднички состанок со сите директори на Центрите за јавно здравје во државата. Да се знае како ќе биде комуникацијата помеѓу градинката, центарот за јавно здравје, матичниот педијатар и како ќе се известуваат и по кој алгоритам и кои родители, на кои деца во истата група или на другите, согласно проценетиот ризик од епидемиологот. Така да, сме размислиле и сме дискутирале и расчистиле дилемите за сите аспекти во однос на почетокот на работата на градинките. Така да, потребно е само на владина седница да се донесе соодветна одлука по предлог на Министерството за труд и социјална политика за точниот датум за почеток на работат. Сега ми е навистина тешко да кажам, меѓутоа сметам дека може да почнат уште во месец септември“, рече Филипче.

За почетокот на училишната година, Филипче истакна дека комбинираниот модел е засега решение со кое би се избегнало сценариото на заболени деца како во случаите на Германија и на Израел, кои ги повлекле ваквите одлуки веднаш.

„Ние всушност и имаме комбиниран модел на настава и тоа заедно го работевме со Министерството за образование и наука. Целта е сите ученици да бидат во училниците, заради тоа што физичкото присуство со предавањата нема алтернатива. Свесни сме дека онлајн-наставата е само една можност сега, но, имајќи го предвид дека како приоритет го ставаме зачувувањето на здравјето на децата, тој влез на учениците во училниците го правиме постепено. Во таа смисла, заради сега слободниот простор во училштата, само деца од прво до трето одделение, со согласност на родителите, а понатаму, согласно епидемиолошката состојба и следните групи, односно одделенија – за почеток, шесто одделение и прва година средно училиште, а понатаму согласно тоа како ќе биде бројот на пациенти во државата, состојбата со епидемијата. Видовме многу лоши примери од нагло отворање на училиштата, во други земји како во Германија, во Израел… после отворањето, големата концентрација на деца во затворен простор, на едно место, продуцираше многу, за жал, заболени деца. Па беа приморани овие држави да ги затворат делумно или целосно училиштата, што е сценарио кое сакаме да го избегнеме“, рече Филипче.

Посочи дека разговорите со средношколците, пак, биле конструктивни и иако можеби требало се одржат порано, сепак наишле на разбирање. Протестот го смета за демократско право за изразување на мислењето за одлуките на граѓаните.