Девет нови заразени со морбили, на Клиника се хоспитализирани вкупно 23 пациенти

Во текот на последното деноноќие на Клиниката за инфективни болести прегледани се нови 9 болни од мали сипаници, а 4 од нив се примени на болничко лекување. Во моментов на Инфективна клиника се лекуваат 23 болни од мали сипаници (морбили).

На Клиниката примени се 41-годишна пациентка упатена од болницата во Гостивар, 11 месечно дете од Дебар, кое претходно лежело во Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле, потоа едногодишно дете од Свети Николе и двегодишно дете од Сарај. Децата биле невакцинирани, велат од Министерство за здравство.

Министерството информира дека амбулантски се прегледани и пуштени на домашно лекување 7 месечно бебе и едно и полгодишно дете од Чаир, 33-годишен пациент од Гостивар и 42-годишен од скопската општина Бутел.

До 15 часот во вакциналните пунктови се вакцинирани 108 деца, а од почетокот на епидемијата досега се вакцинирани вкупно 5.950. Препорачуваме родителите да ги вакцинираат децата, како и возрасните кои не се вакцинирани или се нецелосно вакцинирани, велат од Министерството за здравство.

Министерството препорачува родителите ако се посомневаат на симптоми на мали сипаници децата прво да ги однесат кај матичните лекари, или во педијатриските пунктови во поликлиниките Јане Сандански, Бит Пазар и Ѓорче Петров, а лекарот по потреба ќе ги препрати на Клиниката за инфективни болести.