Девет загинати во експлозија близу светилиште во Пакистан

Најмалку девет луѓе загинале во експлозија на контролен пункт крај големо суфиско светилиште во источниот пакистански град Лахоре во средата, соопштија локалните власти.

Експлозијата, ден по почетокот на муслиманскиот свет месец рамазан, се случила близу Дата Дарбар, едно од најголемите светилишта во јужна Азија, кое е опколено од безбедносните сили.

„Првата цел на овој напад била полицијата. Собираме форензички докази за да го утврдиме видот на експлозијата. Во нападот загинаа девет луѓе а уште 24 се повредени“, рекол Ашраф Кан, заменик на главниот инспектор во Лахоре.

Најмалку осумина од ранетите се во критична состојба, рекол портпаролот на градската служба за итна медицинска помош.

Одговорноста за нападот ја преземаа пакистанските талибани.

Насилствата на екстремистите се во значителен пад по континуираното построго казнување изминатите години и последните две години во Лахоре, вториот по големина град во Пакистан, немаше вакви напади кои некогаш беа вообичаени.

Другото значајно светилиште во овој регион, Лал Шахбаз Каландар во Сехван, во покраината Синд, беше цел на бомбашки напад во февраури 2017 година кога загинаа 79 луѓе.