Деветти јуни е крајниот термин до кој Заев треба да даде одговор за името?!

Македонскиот премиер Зоран Заев продолжува со најавите за нови „крајни рокови“ за долгонајавуваниот телефонски разговор со неговиот грчки колега по должност Алексис Ципрас за името и откако пропадна најавениот разговор минатата среда, следеа ветувањата за четвртокот и петокот, но не се случи ништо.

Македонската Влада брза кон решение на спорот пред самитот на Европската унија на крајот од месецот во надеж дека договорот со Грција ќе донесе датум за почеток на преговорите а половина месец подоцна и покана за членство во НАТО.

Во меѓувреме, во средата низ десетици градови во Грција повторно ќе има нови протести против употребата на терминот „Македонија” во евентуалното ново име на државата. Денови не делат од телефонскиот разговор со грчкиот премиер Ципрас, вели шефот на македонската влада одбегнувајќи да коментира детали од најавеното финале во спорот за името. Премиерот одговарајќи на новинарско прашање рече дека во корист на процесот, најдобро е да остане внимателен.

Сега премиерот Зоран Заев не прецизираше рок, туку нагласи дека станува збор „за денови“. Сепак, неофицијално се шпекулира дека САД побарале од македонскиот премиер да даде согласност за текстот на договорот до 9-ти јуни, односно до оваа сабота.

Заев ниту ги потврдува, ниту ги негира информациите за предлозите кои се на преговарачката маса, но одбегна да коментира детали од најавеното „финале“ во спорот за името. Премиерот одговарајќи на новинарско прашање во вторникот пртпладнето рече дека во полза на процесот, најдобро е да остане внимателен.

Изјавата на премиерот Заев следи по ставот на шефот на грчката дипломатија кој во интервју за телевизијата ERT рече дека е време да се каже големото да или големото не во спорот за името. Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, рече дека е време за завршни зборови, нагласувајќи дека „преговарачите треба да имаат трпеливост и воздржаност и да не бидат под влијание на медиумите и опозицијата за внатрешни политички игри“.

„Имам чувство дека раководството во нашата земја пријател на север, раководството во Скопје сега, кога треба да завршиме со ова, ги сфати големите тешкотии што постојат за имплементација на договорот и ова одигра улога да сака одново да го разгледа договорот, да разговара за одредени појаснувања за самиот договор, но длабоко сум убеден и се надевам дека ова, набргу, за неколку дена ќе се надмине“, рече Коѕијас.

Коѕијас рече дека доколку мине референдумот, ниту Претседателот, ниту опозицијата во Македонија, нема да можат да се противат на народната волја.

Опозицискиот лидер Мицкоски, во понеделнкот вечерта во интервју за ТВ Сител ја потврди позицијата на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ против промена на Уставот, а договорот со Грција го оцени како штетен за Македонија.

„Време е да се каже големото ‘да’ или ‘не’, а потоа ќе ги разберете тешкотиите. Имам впечаток дека сега кога треба да завршиме со оваа работа, раководството во Скопје ќе ги сфати големите тешкотии што постојат за негово спроведување. Убеден сум дека тешкотиите наскоро ќе бидат надминати“, рече Коѕијас.

Шефот на грчката дипломатија појасни дека во игра се предлози со одредници „Северна“, „Горна“ и „Нова“. Според Коѕијас, доколку не биде постигнат договор, тој во наредните седмици ќе влезе во Собранието во Скопје, додека наесен ќе се одржи референдум, по што ќе има и уставни измени.

Коѕијас ја повика Грчката црква да стои настрана од ова политичко-дипломатско прашање. Нагласи дека сегашната влада изготвила нацрт-верзија од 20 страници, а претходните предлози не надминувале ни две страници. Првиот грчки дипломат објасни дека не се издржани критиките на опозициската Нова демократија, бидејќи кога оваа партија била на власт, го прифатила предлогот Македонија-Скопје, додека македонскиот јазик бил регистриран долго пред да се појави спорот. Ова веднаш предизвика реакција од Нова Демократија.

„Во Букурешт, грчката влада на Караманлис, министерката за надворешни работи Бакојани и министерот за одбрана, Меимаракис, не прифатија лош компромис. Коѕијас вчера направи нешто многу лошо. Го прифатил ставот на Скопје за македонскиот јазик наместо грчкиот став кого никогаш не го прифати“, посочи Јоргос Кумуцакос кој во Нова демократија е задолжен за надворешната политика.

Од партнерот во владината коалиција, партијата Независни Грци, исто така, се спротивставуваат на решение кое го вклучува името Македонија, посочувајќи дека „Скопје е мала земја“, но оти „не се знае за во иднина“.

„Јасно е дека нема да прифатиме никакво име со презиме Македонија. Ова не е опсесија со името, туку резултат на нашата длабока убеденост за секој иредентизам од Скопје, кое денес може е мала држава, но утре никој не знае во чии рамки и во која земја ќе се наоѓа или какво државјанство ќе добие или кој може да го искористи тоа бидејќи во 1944 или во ’50-ти или ’60-ти години (од минатиот век) никој не очекуваше вакво решение за проблемот“, рече Никос Мавраганис од Независни Грци.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.