Девојка што избегала од ИСИС ги раскажува ужасите што ги доживеала

Поранешна членка на ИСИЛ, која неодамна побегнала од редовите на оваа организација во интервју за „Си-Ен-Ен“, отворено зборува за разочараноста од нејзината бруталност.

Кадија (измислено име) израснала во Сирија, каде што и се школувала. По дипломирањето почнала да подучува деца во основно училиште. Своето семејство и воспитување ги опишува како не претерано конзервативни. Кога пред повеќе од три и пол години почна востанието во Сирија, Кадија се приклучи на страната што со мирни протести изразуваше несогласување со одлуките на актуелната влада на претседателот Башар ал Асад.

– Во тоа време излегувавме на улици и протестиравме, а безбедносните служби се обидуваа да не фатат. Пишувавме пораки по ѕидовите, а потоа се пресоблекувавме за да не нè забележат. Тоа беа одлични денови, раскажува Кадија. Но, востанието во Сирија набрзо се претвори во хаос и насилство и почна да ја губи својата душа и хуманост.

– Сè околу нас беше хаос. Слободната сириска војска, режимот, бомбите, штрајковите, ранетите, болниците, крв… сакате да избегате од тоа… Мојот проблем беше што побегнав во нешто полошо – вели таа.

Кадија се нашла затечена од Тунижанец кого го запознала преку интернет. Понесена од неговите манири, девојката сè повеќе му верувала, а тој со тек на време ја намамил во Исламската држава. Ја уверувал дека таа група не е тоа што мислат за неа и дека не е терористичка организација.

Ѝ велел дека неговата група правилно ќе го воведе исламот насекаде, дека во моментот се во состојба на војна, но и дека тоа е само фаза затоа што мораат да воведат контрола во земјата и поради тоа мораат да бидат строги и остри. Ѝ рекол дека доаѓа во сирискиот град Рака и дека таму ќе можат да се венчаат.

– Стапив во контакт со роднината, која ми рече дека можам да дојдам и да ѝ се приклучам на бригадата Канса. Таа живееше во Рака со сопругот, кој се бори на страната на Исламската држава – раскажува девојката. Бригата, која ја споменува, всушност е озлогласена женска полиција на ИСИЛ.

Кадија го убедила семејството сите заедно да се преселат во Рака тврдејќи дека таму ќе им биде поедноставно да ги запишат младите браќа и сестри во училиште и дека ќе ја имаат поддршката од роднините. Со поддршка на роднината, веднаш била примена во страшната бригада Канса, која била составена од 25 до 30 жени, кои имале задача да патролираат по улиците на Рака и да внимаваат жените да се придржуваат до задолжителниот начин на облекување по правилата на Исламската држава. Некои од тие правила наложуваат неносење никакви украси по облеката, како и криење на целото тело. Жените не смеат да ги покажуваат ни своите очи. Ако ги прекршат правилата, ги камшикуваат. За нивното казнување решава жена – Ум Хамза. Кога Кадија првпат ја видела, била преплашена.

-Таа не е нормална жена. Огромна е. Има пушка, пиштол, камшик, нож, а носи и никаб – раскажува Кадија.
Една од жените-борци видела дека се плаши, па ѝ се приближила изговарајќи една реченица, која никогаш нема да ја заборави.

– Остри сме со неверниците, но милосрдни кон своите.

Кадија била тренирана за чистење и расклопување оружје, како и за пукање од него. Примала плата од 200 долари месечно, а секој ден имала готови оброци. Нејзиното семејство почувствувало дека им бега од раце, но не можеле ништо на направат. Мајка ѝ ја предупредувала, но залудно.

– Разбуди се, води сметка за себе. Одите, но не знаете каде одите – ѝ велела мајка ѝ.

Заведена од моќта, Кадија не обрнувала внимание на мајчинските совети. Но, со време, почнала да се преиспитува и себеси и начелата на Исламската држава.

– На почетокот бев среќна со работата. Чувствував дека имам авторитет на улицата. Но, тогаш се преплашив од својата ситуација. Почнав да се плашам и од сама себе. Почнав да размислувам: Јас не сум ваква. Имам диплома. Не би требало да бидам ваква. Што ми се случи со умот да ме доведе до тука? – се прашувала Кадија. Така почнала да се урива нејзината слика. Во помнењето ѝ се врежала една слика што ја видела на интернет – 16-годишно момче било распнато поради силување.

– Најлошо што сум видела е човек што во своите раце ја дочека својата глава што во тој момент му ја пресекоа пред мене – рекла таа.

Кадија за „Си-Ен-Ен“ го раскажува и насилството на ИСИЛ резервирано само за жени. Нејзината бригада ја делела зградата со човекот што бил специјализиран за бракови со борци на Исламската држава.

– Тој беше еден од најлошите луѓе. Наоѓаше жени за домашните и за странските борци. Странците се многу брутални со жените, дури и со тие за кои ќе се оженат. Имаше случаи кога жената мораше да биде пренесена на итна служба поради сексуално насилство врз неа – раскажува девојката.

Откако нејзината заповедничка почнала да создава притисок за тоа дека и таа треба да се омажи за некој од борците, Кадија решила дека ќе ја напушти бригадата. Тоа го направила неколку дена пред воздушните напади на коалицијата. Нејзиното семејство останало во Сирија, а Кадија побегнала преку границата во Турција.

Сега, таа сè уште носи никаб. И тоа не само поради прикривање на индентитетот, туку поради полесно приспособување на животот надвор од Исламската држава.

Тажне е поради лошото искуство со радикалниот ислам и е многу внимателна со промените што следуваат.

– Тоа мора да биде постепено, да не станам некој друг. Се плашам да станам некој друг. Се плашам дека откако бев толку целосно посветена на верата, сега целосно да не ја отфрлам – вели таа.

На крајот на разговорот, говорејќи за неправдите на ИСИЛ, Кадија се прашува како луѓето дозволиле да се појави оваа организација?

– Како им дозволивме да владеат? Тоа е резултат на слабоста во нас – изјавила жената, чијашто цел е да се запознаат луѓето со вистината за ИСИЛ.
– Не сакам кој било друг да биде измамен како јас. Премногу девојки мислат дека тоа што го заговараат е вистински ислам.

Кадија сака да биде девојката што била пред да падне под влијание на ИСИЛ – весела девојка, која го сака животот и која се смее… која сака да патува, да црта, да слуша музика, без да се грижи кој што мисли.
– Сакам повторно да бидам таква – заклучува Кадија.