ДФРМ: „Банана филм“ удира со лаги по филмските работници за да ги прикрие своите скандалозни злоупотреби 

Најостро реагираме и ги осудуваме обвиненијата за нашите членови Бранко Петровски и Игор Шокаровски како неточни и неосновани, креирани врз основа на манипулативни претставки, без никаква правна основа или поткрепа.

Друштвото на филмските работници на Македонија е единствено релевантно струково здружение од областа на филмот и аудио-визуелната дејност и од своето основање е силно посветено на спроведување на сопствените фундаментални принципи за рамноправност, транспарентост и бескомпромисно почитување на законите при аплицирањето и отчетот за користењето на средства од државните и европските јавни фондови.

Оттука, сметаме дека лажните и неосновани обвинувања кои се однесуваат на угледни членови на ДФРМ се креирани и се пропагираат со цел да се наштети на филмската фела и уметност, за одредени „актери“ да ја злоупотребат таквата ситуација за сопствена доминација и монопол во индустријата. Затоа, во име на честа на филмската професија и честа на филмските работници, бараме целосно расчистување на оваа бурлеска од обвинувања.

Бараме сите надлежни институции да ги проверат сите наводи пласирани во медиумите за работата на ДФРМ, за кои ние тврдиме дека се целосно неточни, непотврдени и измислени.

И во исто време, ја повикуваме Управата за финансиска полиција, Државната комисија за спречување на корупција, Основното јавно обвинителство – Скопје и Транспаренси интернешнл Македонија темелно да ги испитаат сите факти, индиции, документи и докази кои се однесуваат директно и индиректно на работата на продукцијата Банана Филм.

Бараме да се провери:

– Стечајот и незаконското згаснување на продукцијата Сенка филм и префрлувањето на побарувањата, но не и на обврските на оваа продукциска куќа кон новооснованата продукција Банана филм;

– Потпишувањето на договорот за финансирање на филмскиот проект „Мајки“ (работен наслов “Како бебе“) и добивањето на средствата пред завршувањето на постапката и објавувањето на резултатите од Конкурсот за финансирање од страна на Филмскиот фонд на РМ;

– Не поднесувањето на извештај за потрошени 55.800.000 денари (907.317 евра) за филмот „Мајки“;

– Префрлувањето на 900.000 денари без претходно потпишан договор за меѓународна промоција и кандидатура за Оскар, пари на државата за кои, исто така, не е доставен финансиски извештај;

– Повеќекратното поднесување на нотарски заверени изјави со невистинита содржина (исправа со невистинита содржина,) од страна на Банана филм при постапките за аплицирање во АФРСМ;

– Префрлувањето на 5.300.000 денари (85.000 евра)  од средствата наменети за продукција на филмскиот проект „Врба“,  од Банана филм Скопје, кон „Милкман“ продукција од САД, при што и двете фирми се сопственост на истиот субјект продуцентот на филмот;

– Префрлувањето на преку 7.700.000 денари (125.000 евра) наменети за продукција на филмот Мајки кон „Квантум комуникации“ од САД, за наводна промоција на истоимениот филм, спротивно на Буџетот и Договорот за финансирање на проектот;

– Недефинирана исплата за прикажување на филмот „Мајки“ на Интернационалниот филмски фестивал во Торонто во висина од 12.000 долари,  од средствата наменети за продукцијата на филмскиот проект;

– Нереалната висина на авторските хонорари од страна на Сенка филм и Банана филм за сценарио, режија и продукција кои многукратно го надминуваат европскиот просек за овој тип на работа кога станува збор за парични средства од јавните фондови, во случајов исплаќани од средства од буџетот на Република Северна Макдонија;

Бараме да се проверат и останатите евидентирани индиции и докази за злоупотреба на државните пари.

Ние во ДФРМ нема да се грижиме дали оваа реакција повторно ќе биде проследена со нови неосновани напади вез нашето здружение и врз неговите членови, филмските работници. Ние се грижиме за заштита на честа и угледот на нашата професија, на секој наш член и на целото друштво.

Нема да замолчиме и ќе се спротиставиме на секој обид да се релативизираат наведените случаи за несооветното трошење на народните пари и нивната злоупотреба. Наша и совесна и статутарна задача е да продолжиме со битките за искоренување на сите форми на привилегираност, неотчетност и корупција во дејноста, кои воедно се битки за обезбедување рационалност, транспарентност и подобри услови за сите македонски филмаџии. Ова посебно и како наша должност кон младите генерации филмски творци, кои се сѐ побројни и поуспешни и кои континуирано и без комплекси со своите вонредни остварувања успешно чекорат на меѓународната филмска сцена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.