„Ди Цајт“: Нема погрешна интерпретација во интервјуто со Заев

Нема никаква погрешна интерпретација во интервјуто со  лидерот на Социјалдемократскиот сојуз Зоран Заев и ниту еден збор не е погрешно пренесен, тврди авторот на интервјуто во влијателниот германски неделен и онлајн весник „Ди Цајт“ кој според Заев погрешно ги интерпретирал неговите зборови, пренесува МИА.

Интервјуто кое што го пренесоа десетици македонски, регионални и други странски медиуми беше објавено под насловот „Осудените (за Монструм) се невини“.

Германскиот новинар Улрих Ладурнер, кој покрива низа теми од надворешната политика и правел интервјуа со голем број странски политичари, тврди дека лично разговарал со Заев и дека го снимил целото интервју со него.

Тој, како што јави  МИА, вели дека досега ниту тој ниту весникот не добил демант или каква било реакција од СДСМ или нејзиниот лидер. Доколку таква реакција пристигне весникот за брзо време ќе реши дали и во каква форма да ја објави.

Според интервјуто Заев изјавил дека осудените за случајот „Монструм“ лежат невини во затвор за подоцна првиот човек на македонската опозиција да го демантира овој дел од разговорот за македонските медиуми.