Ди Каприо ги отфрли обвинувањата за финансирање подметнување пожари во Амазонија

Холивудската актерска ѕвезда Леонардо ди Каприо ги негираше обвинувањата од бразилскиот претседател Жаир Болсонаро дека спонзорирал невладини организации кои наводно ги подметнувале пожарите во Амазонаија.

На почетокот од седмицава, четири претставници од четири различни невладини организации беа приведени под обвинение за подметнување пожари поради добивање субвенции. Уапсените се сомничат дека се обиделе да продадат фотографии од пожарите во кои тие биле вмешани на Светскиот фонд за дивата пророда (WWF).

Потоа во петокот бразилскиот претседател Жаир Болсонаро изјави дека актерот Леонардо Ди Каприо „ е вклучен во палењето на Амазонија“, плаќајќи со по половина милион американски долари невладини организации да дистрибуираат форографии од пожарите. Болсонаро притоа не изложи докази за своето тврдење. Според бразилската полиција, најмалку три невладини организации биле вклучени во организирањето на подметнувањето на пожарите за да добиваат средства од различни организации од светот.

„Во времето на кризата за Амазонија ја изразував својата поддршка за оние луѓе во Бразил, кои се обидуваа да го спасат своето национално и култорно наследство… Во прашање е доведена иднината на овие незаменливи екосистеми, и јас гордо ги поддржувам групите кои ги заштитуваат. Иако (тие) заслужуваат поддршка, ние не ги финансиравме целените организации“, напиша во саботата Ди Каприо на својот профил на Instagram.

Големите пожари во прашумите во Амазонија започнаа во август, предизвикувајќи огромна реакција на меѓународната заедница. Во август Ди Каприо и неколку други гилантропи формираа фонд за итна помош за амазонските шуми во вредност од 5 милиони американски долари за решавање на итните задачи во спасувањето на „белите дробови на планетата“.

Според Институтот за човекот и животната средина на Амазонија (Imazon), површината во којашто целосно е намалена шумската вегетација во бразилскиот дел на Амазонија во септември се зголемила дури за 80 отсто во однос на истиот период минатата 2018 година.

Поголемиот дел од Амазонија се наоѓа во Бразил, но значителни области се наоѓаат и во Колумбија и Перу, каде што исто така се регистрирани пожари. Бразилскиот претседател Болсонаро призна дека владата нема доволно ресурси за борба против пожарите, а за многумина од нив се верува дека ги подметнале одгледувачите на соја и сточарите. Како краен десен сенатор и претседателски кандидат, Болсонаро се најде на насловните страници со омаловажувачките коментари во врска со индијанските племиња, а како претседател изјави дека премногу од територијата на земјата е непродуктивно, бидејќи домародечките племиња имаат посебни права.