Историското “Кале” веќе е минато, а започнува нова ера во „Јане Сандански“, и тоа со натпревар од Лигата на шампионите.
В сабота во Скопје гостува Чеховски Медведи, кој на хартија има статус на аутсајдер во групата, меѓутоа ќе биде сфатен со максимална сериозност. Токму од рускиот првак дојдоа неколкумина од ракометарите на Вардар, а еден од нив е и Тимур Дибиров. Тој вели дека емоциите ќе ги тргнат на страна и ќе се обидат да продолжат со победите, почнувајќи една нова традиција во „Јане Сандански“.
„Овој натпревар ќе биде тежок, секоја екипа во ЛШ е шампион на својата држава и нема лесни противници. Секоја екипа има некој посебен стил и тоа најдобро го видовме во Целје, каде што имавме проблеми. Ќе биде посебен натпревар за сите играчи кои играа во Чеховски, за мене, за Горбок, за Чипурин, за Шишкарев…Екипата сега има млади играчи кои играат добро, но Вардар е сосема поинаква екипа на домашен терен. Затоа едвај чекаме да го одиграме првиот меч во „Јане Сандански“ и ќе направиме сѐ за созадеме една победничка серија која ќе продолжи потоа со Рајн-Некар дома и со Монпелје на гости. Сакам „Јане Сандански“ да стане тврдина која ни една екипа нема да може да ја освои и да однесе бодови од неа. Нека биде така засекогаш, а да почнеме в сабота“, изјави Дибиров на денешната прес-конференција.
Што се однесува до натпреварите во првото коло, Вардар освои два тешки бода во Целје, а Чеховски беше немоќен и загуби дома од Веспрем со 32-37.
Натпреварот се игра в сабота, во 19 часот. Од СЦ „Јане Сандански“ информираа дека останати се уште малку билети, но и тоа дека 10 денари од секој билет ќе одат во хуманитарни цели.
фото: спортмедиа.мк