Дибиров: во Келн нема втор, трет… освен титула, сè друго е утеха за слабите

Вардар третпат ќе се појави на Ф4 во Келн во Лигата на шампионите, но „црвено-црниот“ тим по многу работи ќе биде различен од претходните две сезони, нов тренер, скоро комплетно изменет тим… Но, токму „новитетите“ се оние кои можат да бидат клучниот фактор за клубот на патот кон новата европска титула.

„Трета година во низа во Келн и сега е полесно. Знаеме дека во Келн може се да се случи. Патувавме и како аутсајдери (првата година) и како фаворити лани и никогаш не излезе како што мислевме ние или како што мислеа другите. Затоа сега сме посветени на себе, да дојдеме до формата која ја посакуваме и во секој момент да знаеме што треба да правиме. Нема потреба да се оптоваруваме што и како ќе биде – тоа никогаш не се знае. Во Келн може да се случи се, најважно е таму да бидеме со чиста глава“ – потенцира за СПОРТМЕДИА вардаровото крило Тимур Дибиров и продолжува

„Келн е таков турнир нема втор, трет и четврт. Ако ја минеме Барселона и загубиме во финале ќе биде исто, утеха за слабите е сребро, бронза… Таму има само еден тим кој ја освојува Лигата на шампионите и тоа е тоа. Ние знаеме какво е тоа чувство и што треба да дадеме за да стигнеме таму. Можеби сме во предност со тоа што во тимот имаме играчи кои првпат се на Ф4, како и тренер, кој како тренер исто така првпат е на Ф4. Тие емоции, таа свежа крв, насоченост и енергија се потребни на еден таков турнир и може да бидат главен адут. Ако се сите играчи искусни и веќе знаат како и што, притисокот на нив е поголем. Тоа го почувствувавме на првиот Ф4 во 2017, на лицата на играчите на ПСЖ и на Барселона им се гледаше тој притисок, а ние излегувавме на теренот како да е последно за нас. Повторно сме во таква ситуација… Верувам во мојата екипа, во емоциите кои ги носи… На нас не ни треба чудо, нас ни треба нашата игра и нивото кое веќе го покажавме со Пик Сегед.“