​Дигитализацијата на Кисела Вода придонесува во борбата против корупцијата

Во гостувањето на емисијата „Во живо, програма на градови“, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, говореше за процесот на дигитализација на општина Кисела Вода, која прва во регионот понуди за граѓаните широк спектар на електронски услуги. Со ова, се овозможува поголем степен на комодитет за жителите и бизнис заедницата, но и се намалува и можноста за корупција.

-Кисела Вода е првата општина во Македонија и на Балканот која за граѓаните обезбеди услуги по електронски пат. Во минатото никој од нашите сограѓани не мoжеше да пристапи до урбанистички план, да знае каква е состојбата со местото каде што живее и затоа се случуваа непријатни изненадувања – никнуваа згради на секој чекор, граѓаните не знаеја и против што да се борат. Она што како прв чекор го направиме беше промовирање на нов ГИС Портал, кој е достапен на веб страната на Општина Кисела вода, преку кој јавно ги ставивме на увид, дигитализирани. Сите 87 урбанистички планови, а потоа и преземање на дејствија, односно механизми со кои услугите одат по електронски пат. Иако не сме ја исклучиле можноста доколку некој инсистира да си поднесе барање по писмен пат, сега многу значи моментот што секој од дома може да си поднесе барање и за 72 часа да си го добие документот што му е потребен. Ова штеди и време и пари, но важен е и механизмот на контрола, односно проверка на тоа дали административниот службеник ја работи работата како што треба или не. И за тоа нема изговори. Некогаш и негативен одговор е одговор.

Во вториот дел од процесот на дигитализација кој и понатаму го надградуваме, овозможивме електронски да се добиваат уште 20 нови дигитални услуги: барања за потврди, за парична помош, за уверенија, сега електронски е и уписот на деца во градинките. И мене како жител на Кисела Вода и родител ми пречело она запишување “преку врски”, односно да мора да познаваш некого и да ургираш за да го запишеш детето во градинка. Со новововедените механизми, и ова е оневозможено. Ако сакаме вистинска борба против корупција и да не остaваме простор за манипулација на било кој вработен со странката, мора нештата вака да ги решаваме. Не може се’ преку ноќ, имплементацијата е во етапи, но доволно е да го започнете процесот и да ги направите првите чекори.

Имплементацијата ќе ги даде своите резултати, а за мене резултатот е задоволството на граѓаните-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски најавувајќи наскоро и нов сет на дигитални услуги достапни за жителите на општината.