Дијабетесот – тивок убиец

Дијабетес мелитус е хроночна, прогресивна и агресивна болест, која се карактеризира со зголемено ниво на шеќер во крвта (Хипергликемија). При оваа болест доаѓа до нарушување на нормалниот процес со кој шеќерот се транспортира од крвотокот до клетките кои го користат за енергија.

Постојат два типа:

Тип1 кој претставува автоимуно заболување, во кое доаѓа до целосно уништување на панкреасните клетки, кои продуцираат инсулин. Во овој случај е неопходна терапија со инсулин.

Tип2 во кој може да биде нормална, намалена или зголемена продукција на инсулин.

На дијабетес тип2 обично му претходи фазата позната како предијабетес, состојба при која шеќерот е благо покачен.

Дијабетесот доведува до разни кардиоваскуларни болести. Oсобено нарушување на структурата и функцијата на крвните садови, гангрена, инфаркт, мозочен удар, хронично заболување на бубрезите, нарушување на видот, итн. Затоа оваа состојба се нарекува „тивок убиец“.

Кои се причинители?

Причините за појава на дијабетесот може да бидат генетско пореметување, постојано конзумирање на оброци со висока количина на шеќер, како и постојано внесување на модифицирани заситени масти (транс масти) преку исхраната. Затоа, едно од основните правила во лечење на дијабетесот е примена на здрава исхрана. Кај овие лица е потребно да се задржи нормалната телесна тежина, како и да се одржува нивото на шеќер во крвта во нормални граници. Тоа се постигнува со поголем внес на храна со низок до среден гликемичен индекс, а да се избегнува храна со висок гликемичен индекс и многу јаглехидрати.

Исхрана

Исхраната треба да е разновидна, исто како и начинот на исхрана кај секој човек. Особено е важна за оние кои се на инсулинска терапија, бидејќи ако храната содржи многу шеќери, тешко ќе може да се одржува нивото на шеќер во крвта.

Храната треба да не биде термички обработена, освен ако е неопходно, за да се зачуваат сите витамини и хранливи вредности. Да биде зготвена, а не пржена. Дневните оброци да бидат почести, но количински помали. Препорачливо е од 5 до 6 оброци дневно.

Што смее да се јаде , а што не?

Наместо засладени овошни сокови и газирани пијалоци да се конзумира вода, чај или кафе. Секако да не бидат засладени со сахароза, туку по можност со природен засладувач, стевиа итн. Намирници кои треба да се конзумираат се: интегрален ориз, интегрален леб, интегрални тестенини, житарки од цело зрно, потоа мешункастиот зеленчук, јаткастите плодови, млеко или јогурт со ниска масленост, месо со помалку масти и риба. Да се избегнува индустриски преработената храна.

Од овошјето е дозволено јаболко, шумското овошје, грејпфрут, лубеница, секое овошје, па и зеленчук кој содржи во себе многу вода. Овошје кое не треба да се конзумира се банани, грозје, смоква и урми.

Киселиот зеленчук делува поволно така што го успорува метаболизмот на јаглехидратите.

Дијабетесот го менува и начинот на живот.

Затоа моја препорака до сите е: Гответе и јадете здрава храна. Бидете физички активни скоро секој ден. Најмалку 30 мин дневно, пешачење, аеробик итн. И секако научете да го контролирате стресот!

Автор: Сертифициран нутриционист Марија Лазиќ за НетПрес

e-mail: nutri-diet2018@outlook.com