ДИК го донесе роковникот за предвремените избори во Штип и Пласница

54

Државната изборна комисија на вечерашната седница донесе Роковник за предвремените избори за градоначалник на Општина Пласница и Општина Штип, кои треба да се одржат на 13 декември 2020 година. Според Роковникот, увидот во Избирачкиот список започнува на 17 октомври и завршува на 5 ноември.

Кандидатурите за градоначалник треба да се достават до 7 ноември. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува 10 декември. Ако има втор круг, изборната кампања завршува на 24 декември, а изборниот ден ќе биде на 27 декември.

ДИК го усвои и Упатство за гласање на лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на ковид-19 или на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен здравствен инспекторат.

Доскорешниот прв човек на Штип Благој Бочварски сега е министер за земјоделство, а Исмаил Јохоски, кој беше градоначалник на Пласница, беше избран за пратеник. Должноста градоначалник на Штип сега ја врши Јане Миланов, а на Пласница Елсан Нурчески. Редовните локални избори во Македонија треба да се одржат следната година, наесен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.