ДИК ќе ја проверува спорната апликација на СДСМ

Државната изборна комисија ќе ги прегледа материјалите кои што денеска им се доставени од штабот на кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска Давкова во врска со апликацијата за кој како што тврдат ја користеле активистите на СДСМ со цел да прибираат лични податоци од граѓаните.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски вели дека по добивањето на материјалите истите ќе бидат разгледани и доколку се утврди дека Изборната комисија е надлежна ќе бидат преземени соодветни мерки, во спротивно истите ќе бидат предадени на надлежните институции.

„Треба најпрво да го разгледаме материјалот, доколку не сме надлежни истиот ќе го препратиме до надлежните институции кои би повеќе соодветна постапка. Не би коментирал пред да видиме и да разгледаме,“ вели Дерковски.

Инаку, по објавата за постоењето на ваква апликација на сервисот „Гугл плеј“ истата за кратко беше отстранета. Од штабот на Сиљановска велат ова ги потврдува нивните сомнежи дека се

„Како потврда на нашите сомнежи дојде вчера повлекувањето на апликацијата од сревисот на Гугл, а подоцна и падот на серверот на СДСМ каде што се сомневаме дека се прибирале лични информации,  податоците од граѓаните се сомневаме дека на тој сервер има голем број на матични броеви на граѓани кои што се собрани од страна на екипите на СДСМ кои што одат од врата на врата. Со г-динот Дерковски, претседател на ДИК, разговаравме за тоа кои се надлежностите на ДИК и што може да направат тој ми вети дека се што е во рамки на ингеренциите на ДИК ќе биде преземено“, вели Горан Момировски од граѓанскиот штаб на Сиљановска Давкова.

Но, апликацијата денеска повторно е достапна на сервисот на Гугл и може да се симне на мобилен телефон. Според описот на апликацијата таа се користи за поефикасно спроведување на претседателските избори 2019, а како нејзин издавач стои името „КЦ СДСМ“.

Од ВМРО ДПМНЕ велат за ова ќе реагираат и до институциите иако немаат доверба во нив. Влатко Ѓорчев вели е показател дека власта има желба да контролира се’, да прислушува и да знае се’.

„Ова апликација може да се однесува на стотици илјади граѓани на Македонија и тоа длабоко, длабоко  задира во приватноста на граѓаните и гласачите, затоа што ако тие може да следат кој, каде се движи, каде бил, што лајкувал, што напишал, како напишал  итн. Тоа е веќе набљудување, тоа е веќе следење. Никој не им дал право на господата од СДСМ толку да навлегуваат во приватноста на луѓето, за нив стана навика да влегуваат во приватноста на луѓето и да прават што сакаат“, вели Ѓорчев.

Од СДСМ вчера негираа дека нивните екипи на терен користат апликација која прибира податоци од граѓаните. Велат користат современ систем на спроведување на предизборанта кампања преземена од нивна сестринска партија во Шведска.