ДИК: Компанијата „Дермалог“ е избрана за набавка на терминали за отпечатоци од прсти

Државната изборна комисија (ДИК) ја избра германската компанија Дермалог на тендерот за набавка на техничката опрема за спроведување на локалните избори со отпечаток од прст. Претседателот на Комисијата, Александар Даштевски денеска на прес-конференција соопшти дека таа компанија имала најдобра понуда, ги исполнила условите и дека имала најдобри апарати. Во ДИК во тек е и јавна набавка за апликација за текот на гласање и за првични и неофицијални резултати од изборите.

– Вчера беше избрана компанија која ќе ја обезбеди техничката опрема за спроведување на изборите со отпечаток на прст. На 1 јули заврши постапката по јавната набавка за биометриска индентификација на гласачите со отпечатоци од прст и се пријавија четири компании. Евалуацијата на компаниите заврши вчера и по завршување на постапката Комисијата за јавни набавки ми предложи една компанија за која донесов одлука да биде избрана – информираше Даштевски.

Одлуката, како што кажа, е ставена на веб-страната на Бирото за јавни набавки.

– Компанијата се вика „Дермалог“ од Германија и сега трае рокот за жалба, што трае десет дена. До завршување на тој рок, продолжува постапката. Се надевам дека ќе заврши и тоа како што треба, бидејќи тоа не е во наша надлежност и дека сме еден чекор поблиску до остварување на нашето мото еден гласач еден глас – истакна претседателот на Комисијата.

Даштевски појасни дека врз основа на тоа што го видел од извештајот на Комисијата, таа компанија ги исполнила условите, имала најдобра понуда, и најдобри апарати.

– Поради тоа предлогот го прифатив како веродостоен, -рече Даштевски.

Во однос на заштитата на личните податоци на гласачите, претседателот на ДИК кажа дека гаранциите за тоа се предвидени во тендерот и може да се прочитаат во спецификацијата.

– Податоците ќе се внесат од страна на МВР и после ќе се вратат назад така што не можат да бидат злоупотребени бидејќи ние не купуваме компанија, купуваме опрема. Опремата е во наша сопственост – рече Даштевски.

Рокот за достава на техничката опрема, како што информираше тој, е 60 дена, има време до крај на септември да стигне опремата.

– Испораката ќе биде на два пати. Првиот пат ќе биде околу пет отсто, некаде околу 200 апарати и ќе биде извршена обуката. И после тоа остатокот само да се надополни, за што ќе треба неколку дена. Повторно не би зборувал зошто не е завршена постапката – рече Даштевски.

Во однос на чувањето и дистрибуцијата на опремата, претседателот на ДИК посочи дека би почекал да заврши постапката за жалби, но дека за сите детали во однос на тоа ДИК ќе донесе Уредба.

ДИК веќе изготви ИКТ стратегија во која се предвидени преземање на сите мерки за заштита од пад на системот, како на минатите предвремени парламентарни избори.

– Преземени се повеќе мерки за да не дојде до таква ситуација. Сметам дека тоа прашање ќе биде надминато. Сега во тек е јавна набавка и за апликација за текот на гласање и за првични и неофицијални резултати, -рече Даштевски.

Во однос на Избирачкиот список, тој се ажурира на дневна основа и смета дека ќе биде во ред.

Локалните избори во земјата е предвидено да се одржат во втората половина на октомври.