ДИК почнува со прочистување на избирачкиот список

Државната изборна комисија од денес ќе ја започне постапката за прочистување на избирачкиот список. Обезбедени се податоци од 10 релевантни институции процесот на вкрстување  на  податоците според членови на ДИК треба да заврши до 24 февруари.

Во моментов во избирачкиот список се запишани 1.804.000 гласачи, а граѓаните ќе можат преку официјалната страница на ДИК да ги проверат своите податоци.

По прочистувањето на избирачкиот список, ќе се знае точната бројка на граѓани со право на глас.

Прочистувањето на списокот може да се заврши до крајот на март

Весникот „Дневник“ вчера стапи во контакт со член на ДИK од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој за весникот нагласил дека вкрстувањето ќе трае два-три дена, по што ќе следува проверка на терен на оние места, односно адреси каде што податоците ќе бидат спорни. Неговите процени се дека Избирачкиот список ќе биде прочистен и затворен навреме за изборите да се одржат на договорениот датум, 24 април.

„Дневник“ пишува дека за време на телефонскиот разговор со него вчера, во тек беше седница на Kомисијата на која,како што ни рече „се одлучува за важни прашања во врска со Избирачкиот список“. Веќе кон 20 февруари, рече тој, ДИK и официјално ќе ја даде својата оценка дали изборите ќе можат да се спроведат во април.

Денеска (16 февруари) очекуваме дека ќе ни бидат подготвени уште две бази на податоци од институциите, и од утре да почне вкрстувањето на податоците. Околу 20- февруари очекувајте ги нашите процени, кои, според мене, ќе бидат во корист на одржувањето на изборите во април, вели член на ДИK од ВМРО-ДПМНЕ.

Истото за весникот го потврдува уште еден од членовите, кој инсистираше на анонимност. Според него, вкрстувањето на податоците доцни заради тоа што тимот предводен од меѓународен претставник, во кој членуваат експертите по информатичка технологија и четворица припадници на најголемите партии, долго време вршеле „унификација на базите на податоци од 10-те институции“, односно бавно го вршеле собирањето на податоците што ~ се неопходни на Kомисијата за да го почне споредувањето.

Моја процена е дека оваа операција може да ја завршиме за два-три дена. По вкрстувањето на базите на податоци ќе видиме колку спорни записи ќе произлезат, по што ќе следува фазата на проверка на податоците на терен, односно во оние места каде што има недоследности, вели членот на Kомисијата. И тој е согласен дека ќе бидат завршени сите обврски за изборите да се случат на 24 април.

Со тоа би имало услови изборите да се одржат на 24 април. Kога ова го говорам сметам и на периодот до крајот на март, односно дека проверката на терен може да се врши се до затворањето на Избирачкиот список, додава тој.