Дилеми дали вакцините против коронавирусот можат да го создадат „имунитетот на стадото“

(AP Photo/Virginia Mayo)

Светските челници се оптимисти дека најавените вакцини против болеста Covid-19 ќе го предизвика таканаречениот „имунитет на стадото“, а некои стручњаци сметаат дека вакцинирањето на две третини од популацијата би можело да ја запре епидемијата во една заедница и да заштити цели општества и народи.

Меѓутоа, концептот на создавање колективен имунитет има ограничувања и содржи големи очекувања за тоа што сѐ вакцинирањето би можело да спречи. Некои стручањаци, сепак, сметаат дека ваквите очекувања не се сосема поткрепени.

Првото прашање коешто се наметнува е откривањето на сѐ што е потребно да се постигне „имунитетот на стадото“ со помош на вакцинирањето против болеста Covid-19 чиј патоген е новиот сој коронавирус SARS-CoV-2, вклучително и низата фактори од кои некои сѐ уште се непознати. А тоа се: Која е брзината на ширење на вирусот кој ја предизвикува оваа болест? Дали првите вакцини ќе го запрат пренесувањето на вирусот или само ќе спречат луѓето да се разболат? Колку луѓе во популацијата ќе го прифатат вакцинирањето? Дали вакцината ќе им даде на сите исто ниво на заштита?

„Имунитетот на стадото понекогаш погрешно се сфаќа како поединечна заштита. Не е добро да се мисли дека сум лично заштитен поради постоењето на имунитетот на стадото. Имунитетот на стадото се однесува на заштита на заедницата, а не на тоа дали поединецот е заштитен“, вели за Reuters, Хозеп Јанса, експерт за подготовка и одговор на итни здравствени состојби при стокхолмскиот Европски центар за контрола и превенција на болестите (ECDC).

Во ECDC во своите модели како праг на колективниот имунитет користат 67 отсто од населението. Германската канцеларката Ангела Меркел претходно во ноември во изјава за германските медиуми рече дека рестриктивните мерки во Германија би можело да бидат укинати доколку имунитетот се развие кај 60 до 70 отсто од населението, без разлика дали тоа ќе биде преку вакцинирање или преку заразување. Експертите од Светската здравствена организација (СЗО – WHO), исто така, велат дека покриеноста од 65 до 70 отсто од населението со вакцинирање е начин да се постигне колективниот имунитет на популацијата.

„Идејата на имунитетот на стадото претставува заштита на ранливите. А идејата зад тоа е ако, на пример, вакцинирате 98 отсто од населението, тогаш ќе има толку малку од вирусот во заедницата што преостанатите два отсто од жителите ќе бидат заштитени. Тоа е смислата“, вели Елинор Рајли, професорка по имунологија и заразни болести на Универзитетот во Единбург.

 

Клучна е стапката на репродукцијата

Во пресметките на стручњаците за јавно здравје ширум светот, клучно во смисла на концептот на создавање колективен имунитет за болеста Covid-19 е стапката на репродукцијата на вирусот кој ја предизвикува болеста или ткн вредноста R. Тоа е мерка којашто означува колку едно заразено лице просечно заразува други лица во услови без никакви ограничувања.

Со претпоставката дека вакцината е целосно ефикасна, процентниот праг за колективниот имунитет за заразните болести се пресметува така што 1 се дели со вредноста R, со одземање на резултатот од 1 и потоа со множење со 100. На пример, имунитетот на стадодото за многу заразните сипаници со процена на вредноста R од 12 или повеќе, ќе функционира само доколку кај 92 отсто или повеќе припадници на една зедница постои имунитет. За сезонскиот грип, чијашто вреденост R e 1,3, прагот би бил само 23 отсто имуни членови на заедницата.

„Проблемот е што сега сѐ уште не знаеме точно колку брзо се шири вирусот без никакви мерки на претпазливост и со нормални патувања и општествени активности какви што имавме до пред една година“, вели Винфрид Пикл, имунолог од виенскиот медицински факултет.

Имајќи предвид дека животот во многу земји се одвива со многу мерки за ограничувања, претпоставка е дека R вредноста кај болеста Covid-19 би можела да биде „поблиска до 4 отколку до 2“, вели Пикл, бидејќи и со половичните мерки или дури и со целосното „затворање“ оваа вредност се движи околу 1,5.

Како додаток на тоа, сѐ тоа е помалку од стопроцентна ефикасност на вакцината, на пример 90 отсто, како што покажуваат истажувањата на „Pfizer/BioNTech“ и „Moderna“ објавени последните десетина дена, би барало соодветен пораст на процентот лица опфатени со вакцинирањето за да се постигне ефектот на „имунитет на стадото“.

Стручњакот за здравствена безбедност при американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“, Амеш Адаља, вели дека добра цел во поглед на имунитетот во САД е опфатеноста на повеќе од 70 отсто од населението, но додава дека таа бројка би можела да расте доколку се покаже дека вакцинтие се помалку ефикасни.

 

Запирањето на пренесувањето во „стадото“

Експертите сметаат дека друг важен фактор по ова прашање е дали вакцината против болеста Covid-19, којашто ќе ја изберат властите во една земја, може да ја запре трансмисијата на вирусот.

Досегашните докази понудени во јавноста сугерираат на тоа дека првите вакцини против Covid-19, во најмала рака, ќе спречат вакцинираното лице да заболе, но не може да се исклучи можноста дека тоа лице ќе го добие вирусот SARS-CoV-2 и незабележано ќе го пренесе на други лица.

„Додека заштитата против болеста има вредност за вакцинираното лице, таа нема да го спречи циркулирањето на вирусот и ризикот од заболување на невакцинираните лица“, вели Пени Ворд, професорка по фармацевтска медицина на лондонскиот Кингс Колеџ.

Бодо Плахтер, професор и заменик директор на Институтот за вирологија при клиничката болница при универзитетот во германски Мајнц, вели дека е особено тешо сосема да се блокираат респираторните инфекции со вакцини, иако вакцините ќе завршат дел од работата во настојувањата да се намалат вирусите кои се пренесуваат меѓу населението.

„Многу е возможно вакцинираните лица да го шират помалку вирусот. Би било погрешно да се смета дека вакцинирањето самото посебе може да ја запре пандемијата“, вели Плахтер.

Рајли од единбуршкиот универзитет, пак, смета дека ова укажува на тоа дека засега идејата да се постигне имунитет на стадото со вакцинирање е неделотворна. Подобар пристап, според неа, би бил доколку „имунитетот на стадото се преврти наопаку“ и со првите вакцини се заштитат најранливите, во почетокот занемарувајќи ги поотпорните членови на зедницата кои можат релативно добро да живеат со вирусот.

„Да заборавиме на заштититата на масата во полза на заштитата на ранливите. Да одиме директно да ги заштитиме ранливите“, апелира Рајли.