Димитриеска Кочоска: Ако власта е убедена дека има двотретинско мнозинство нека свика седница за уставни измени, ако го нема Ковачевски да поднесе оставка и да свика предвремени избори

Доколку власта е убедена дека има двотретинско мнозинство нека свика седница за уставни измени, но ако го нема премиерот Димитар Ковачевски да поднесе  оставка и да свика предвремени парламентарни избори, изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска одговарајќи на новинарско прашање за време на протестот на оризопроизводителите во Оризари.

„Претседателот (на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан) Мицкоски беше многу јасен, а тоа е  власта веднаш да свика Собрание и ако се убедени дека ќе имаат двотретинско мнозинство, кое го немаат. Тука сме убедени затоа што ние имаме пратеници кои се чесни и кои си ја сакаат државата и имаат интегритет. Тие пратеници никогаш нема да гласаат за уставните измени“, истакна Димитриеска Кочоска.

Потенцираше дека, како што ден истакна Мицкоски, лидерот на нејзината партија веднаш ќе си поднесе оставка доколку се случи тоа, така и Ковачевски да си поднесе оставка ако нема уставни измени и да се оди на избори.

„Побаравме доколку не се случи Ковачевски да си поднесе оставка и да свика веднаш предвремени парламентарни избори. Ковачевски треба да одговори самиот наместо да ги испраќа неговите гласноговорници, нагласи Димитриеска Кочоска.