Димитриеска Кочоска: Економијата е во катастрофална состојба, наместо раст во сите сегменти се бележат падови

Eкономијата е во една катастрофална состојба поради неспосoбноста на власта и  наместо раст економијата бележи само падови, рече во четвртокот Гордана Димитриеска Кочоска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во Дневникот на ТВ Сител.

Димитриеска Кочоска појасна дека и во буџетот има една сериозно тешка ситуација и дека финансиската консолидација е неминовна.

„Не само капиталните инвцестиции и градежништвото е во една катастрофална состојба. Наместо да имаме раст ние имаме падови секаде. Сето тоа нас ќе ни направи една сериозно тешка ситуација односно веќе во буџетот имаме сериозно тешка ситуација и фискалната кконсолидација е неминовна во периодот кој што следи затоа што не знам како ќе почнеме да ги сервисираме обврските кои што на некој начин ги создадовме и задолжувањата во овој изминат период“, рече Димитриеска Кочоска.

Потенцираше дека повеќе од јасно е дека власта изминативе години трошела расипнички и нерационално без размислување и стратегија за инвестирање во нешто што продуцира додадена вредност што пак сега довело до единствена солуција покачување на даноците каде пак оштетени ќе бидат граѓаните.

Дополително, Димитриеска Кочоска истакна дека СДСМ во свое време го зголемила долгот за 2, 5 милијарди или 62,5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) додека растот на БДП изнесувал само 1,8 милијарди што значи дека нема поткрепа за парите коишто се потрошени.

„Секогаш кога се троши нерационално и расипнички и не се размислива да се инвестира во нешто што ќе создаде додадена вредност вие во еден момент ќе се најдете во ситуација нели како ќе ги сервисирате и враќате обврските и на крајот нема друг начин туку ќе посегнете по повисоки даноци. Морам да напоменам дека сведоци бевме години наназад како социјалдемократите постојано го критикуваат ВМРО дека ја презадолжува државата а притоа значи зборуваме за долг кој што беше некаде 45 % од БДП. Ние денес зборуваме за 62,5 %. Од 2006 до 2016 сме имале зголемување на јавниот долг за 10 години од 2,9 милијарди но во исто време додадената вредност било 4,2 милијарди раст на БДП . Во време на владеење на СДСМ имаме зголемување на долгот за 2, 5 милијарди а растот на БДП од 1,8 милијарди односно ние на некој начон не можеме да ги поткрепиме парите кои што сме ги земале каде сме ги потрошиле“, рече Димитриеска Кочоска.