Димитриеска – Кочоска: Клучно е да обезбедиме пари и да се кратат трошоците

Министерката за финансии требаше многу побрзо да реагира, и уште во четвртокот кога го имавме првиот состанок и кажав дека ќе потпишам и дека вооопшто немам дилема во однос на тоа дека треба да обезбедиме средства. Дај боже да не ни требаат заемите од Светската банка и ММФ, но проекциите кажуваат дека тие пари и малку ќе ни бидат, вели дополнителниот заменик министер за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска во вечерашната емисија “Топ тема” на Телма телевизија.

Според Димитриеска – Кочоска треба да има кратење на трошоците кои не се приоритетни во моментов. Постојат ситуации во министерството за здравство каде сигурно ќе фалат пари, значи ќе треба буџетот да се зголеми.

-Оние непродуктивни или во моментов неприоритетни трошоци треба да ги скратиме. И тоа треба да го направиме веднаш. Затоа што ако денес го погледнеме буџетот проекциите кажуваат дека ситуацијата ќе биде многу лоша. Најпрво ни требаат брзи пари за да го надминеме проблемот со ликвидноста во следниот месец. Гледаме дека банките се ликвидни, имаат средства и во Народна банка. Токму од таа причина сметам дека најпрвин треба да прибереме средства од банките. Затоа што ние проекциите ги правиме на ниво на година. Ако скратиме од трошоците во овој месец на пример, тоа ќе се рефлектира и во наредните периоди. Значи клучно во моментов е да обезбедиме пари, но и да се кратат трошоците. И затоа од таа причина уште минатат недела и кажав на министерката дека треба да се има контрола врз трошоците, посочи Димитриеска – Кочоска.