Димитриеска Кочоска: Владата не сака да излезе во пресрет на просветните работници со оправдување дека држава се справува со три кризи

Просветните работници повеќе од јасно се гледа дека тешко живеат од причина што гледаме секојдневно како растат трошоците за живот, и логично е нивните барања да се поврзани токму со платата односно со зголемувањето на платите затоа што едвај врзуваат крај со крај во месецот, истакна Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во радио „Лидер“.

Димитриеска Кочоска додаде дека просветните работници никој не ги побуцнува, едноставно бараат повисоки плати и подостоинствен живот.

„Во однос на продуктивноста, минималната плата и инфлацијата, ние сега лечиме последици значи инфлацијата не е од сега. Инфлацијата во Македонија се појавува кога нема инфлација ниту во Европа, ниту во светот, ниту во регионот. Да не го заборавиме моментот, значи неспособната власт, неспособните економски политики доведоа до таква ситуација. И сега вие како ќе кажете дека некој не ја заслужува платата. Но, ајде да тргнеме од почеток, точно Колективниот договор е тој кој што во образованието ги регулира платите, и сега имаме првин да не заборавиме пред од прилика два месеци корекција односно изгласавме Закон за минимална плата со кој што ја зголемивме минималната плата на 18.000 денари. Ако во Колективните договори на образование стои дека платата на секој просветен работник ќе биде минимална плата која што во Колективниот договор е дефинирана како апсолутен износ но не согласно корекцијата на Законот за минимална плата но сепак се повикуваат и го множат со коефициентот или степенот на сложеност на работата тогаш доаѓаме до ситуација дека и нивниот Колективен договор е врзан за минимална плата“, нагласи Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска укажа дека буџетот е еден план за годината, и тој е однапред испланирано како треба да се реализираат расходите. Но, во континуитет со оваа власт се има и погрешно планирање, и погрешно реализирање и невнимавање како се троши, се штеди итн.

„Ајде да тргнеме од почеток, мислам дека на првата средба беше помеѓу СОНК и Владата, Владата вели не е дека ние не сакаме да дадеме повисоки плати но мора да одиме во согласност со трите кризи кои што во моментов ги имаме, а тоа е здравствената, тоа е енергетската криза, и тоа е економската криза. И тоа им е оправдување на владата зошто не можат да излезат во пресрет комплетно значи 100% на барањата на просветните работници“, рече Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска се осврна и на здравствената криза во 2020-та година.

„Пред да говориме за здравствената криза ние го имавме СДСМ на власт и 2017-та, 2018-та година, па и 2019-та година. Ако го погледнете „План за живот“ ќе видите и меѓудругото велат дека ќе има просечна стапка на раст на економски раст од 5%, повеќе од 5%. Но, е 2.3% е просечниот раст во годините пред кризата. Но, видете тоа се тие да кажеме основи со кои што влеговме во корона кризата 2020-та година. Граѓаните се сеќаваат и на 2019-та година, на Нина Ангеловска со оној буџетот, најголемиот, најрекордниот, највисоки приходи, највисоки расходи итн. И потоа се случи корона кризата и да не заборавиме дека во првите три месеци значи крахиравме, буџетски дефицит направивме околу 120 милиони евра што не се случило, зошто, бидејќи се спремавме за избори. Значи буквално од власта беа насочени само кон изборите и кон ништо друго, ништо друго не ги интересираше. А, веќе во Кина и јануари месец поточно од декември 2019-та година почна пандемијата“, истакна Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска додаде дека Владата не успеа да се справи со пандемијата.

„Јас извадив неколку податоци точно за 2020-та година бидејќи таа е клучната година кога вртоглаво тонеме. Значи ние со СДСМ во континуитет паѓаме, но ова вртоглавото тонење почнува поизразено во 2020-та година. Значи да не заборавиме една милијарда евра кредити, 6.1% пад на БДП. Замислете 2001 година ја поминавме многу подобро во однос на пандемијата. И сега некој ќе каже ама ова беше пандемија. Па беше пандемија и во другите земји и во регионот, и во светот. Навистина станува збор за комплетна неспособност. Видете дали е неспособност, мене повеќе кога размислувам вака во детали ми оди дека 2020-та година беше многу добра година за корупција, за криминал“, рече Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска нагласи дека во Македонија има премногу корупција и криминал говорат и многу земји и амбасади.

„Планот во 2020-та година за здравство бил некаде околу 33 милијарди денари со ребалансите кои што се направени некаде е зголемен за една милијарда денари. Пазете, тоа се 15 милиони евра, 15 милиони евра значи повеќе од првично планираните. А, буџетскиот дефицит го зголемивме за повеќе од 500 милиони евра. Е, сега тие 500 милиони евра само 15 милиони евра за здравство. Но, што е интересно, зошто велам дека воопшто од власта не се справија, значи таа 2020-та година првично планираните буџетски приходи биле 222 милијарди денари, за да на крајот да имаме реализација од 189 милијарди денари. 239 милијарди им биле планирани расходите на почетокот при тоа сме завршиле со 243 милијарди значи 4 милијарди повеќе. Е, сега ако Владата размислуваше навистина правилно да се справи со кризата, да реагира на време, да направи веднаш ребаланс и да скрати на непродуктивни трошоци, ние првично ќе требаше да ги намалиме трошоците во делот на непродуктивните. И сега ние имаме ситуација наместо да кажеме да биле непродуктивните на 206 милијарди денари ние сме ги испроектирале до 243 милијарди. Државен завод за ревизија излезе со податоци односно правеше ревизија за јавниот долг и притоа на една од страните вели дека за кризата во 2020-та година надвор од она што е за здравство потрошено, потрошени се 300 милиони евра односно 19 милијарди денари. И се поставува прашањето каде се потрошија овие пари. И тоа во 2020-та година кога наставата се следи онлајн, во најголем дел се работи и од дома“, рече Димитриеска Кочоска.