Димитриеска Кочоска: Владата нема никакво чувство за граѓаните и за бизнисот, ние сме убедливо најлоши во Европа, со највисок скок на цени

-Два моменти мора да разграничиме тука. Првиот е како растат платите. Знаеме дека инфлацијата е на многу повисоко ниво од тоа како растат платите и од друга страна колкави се нашите плати и што може да купиме со нив, изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска во вчерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Телевизија Алфа.

„Тоа е во смисла, дали нашата Влада се служи да го преживееме месецот само за храна и другите комуналии да ги платиме или како во другите земји со кои се трудиме да се споредиме, а сме неспоредливи, кои покрај платата што ја имаат еден дел можат да потрошат и на други работи, да седат по кафeани, да купат мебел…“, рече Димитриеска Кочоска.

Таа посочи дека стапката на инфлација на храна и безалкохолни пијалoци е 25,1 процент или само на храна е 25,9 проценти, или чисто за август месец лебот пораснал за 44,1 процент.

„Сега не познавам човек кој не трча најмалку во три маркети да провери цени и да види од каде ќе купи, тоа е знак дека на сите им влијаат цените. Најголем дел од парите нам ни одат за да се прехраниме што не е случај со ЕУ“, кажа Димитриеска Кочоска.

Таа изјави дека најмногу цените кај нас во Македонија отидоа поради сметките на струја.

„Кога ќе ги исклучиме овие моменти настрана за храната кај нас и во Европа тогаш ќе видиме дека сме убедливо најлоши со убедливо највисок скок на цени. Секое кратење или предлог што ние го дадовме значи дека треба да се откажат од она што го пикаат во џеб“, рече таа.

Потенцираше дека оваа Влада нема никакво чувство за граѓаните и за бизнисите, затоа имаме вакви ситуации.

„Трговијата на мало е падната за 3 проценти во август во однос на август минатата година или трговија на мало со храна и пијалоци е помала за 4,4 проценти. Тоа кажува дека веќе се чувствува оној момент каде што луѓето почнуваат навистина да штедат и на храна дома“, вели Димитриеска Кочоска.

„Денес имаше и објава дека БДП во Македонија согласно проекциите на Светската Банка е најнизок после Русија и Украина. Се извинувам, но во Русија и Украина има војна. И ние сме дошле во таква ситуација. Не е нормално ова“, нагласи таа.