Димитриев: Наша задача е организација на избори кои ќе бидат фер и демократски

Димитриев: Наша задача е организација на избори кои ќе бидат фер и демократски
Димитриев: Наша задача е организација на избори кои ќе бидат фер и демократски
Република Македонија се наоѓа во значаен историски момент, клучен за нашиот понатамошен развој и напредок, и за иднината на сите граѓани, истакна привремениот премир за организирање на изборите Емил Димитриев на денешната собраниска седница за избор на новата Влада.

Во продолжение следува интегрален текст од говор на Емил Димитриев

Момент кој што претставува голем предизвик, но и момент кој истовремено како резултат на нашите одлуки може да биде претворен во наша предност како држава и како нација.

Тензиите да ги замениме со хармонија, конфликтот со соработка, ризиците со шанси, заканите со можности.

Економскиот амбиент наместо со непредвидливост да го окарактеризираме со јасен фокус кон нов просперитетен циклус, создавање на нови вредности, добра, нова профитабилност за компаниите и нови работни места. Да го замениме чувството на нелагодност со нов поттик за конкурентност и создавање во економијата.

Да дадеме нов ветар во грбот на македонските европски и евроатланстки интеграции, покажувајќи пред сите, дека ние Македонците, албанците турците, ромите, србите, власите, бошњаците имаме капацитет, знаење, потенцијал, вештини, сила, мудрост да ги решеваме предизвиците, дека не само што имаме државотворен капацитет туку имаме и знаење тој капацитет постојано и постојано да го покажуваме и надградуваме со нови вредности. Да покажеме дека Македонија, не само географски, туку и цивилизациски и култоролошки припаѓа и и е потребна на Европа.

Тоа ќе зависи од сите нас, од пратениците, членовите на владата, политичките партии, граѓанското општетсво, медиумите, сите општетствени чинители, и пред се ќе зависи од нашата посветеност, чувство за историскиот миг и одлуките кои се потребни да се донесат од нашиот одговорен пристап и од нашите заложби секогаш и секаде, без исклучок да дејствуваме во најдобар интерес на нашите граѓани.

Јас верувам дека ние тоа го можеме. Јас верувам дека ние знаеме и како, и зошто дејствуваме, а одоговорот е еден, заради Македонија, бидејќи Македонија е нашата татковина, и сега ние треба да возвратиме на најдобар можен начин.

Да се прифати улогата на премиер кој ќе ја води преодната влада која ќе ги организира изборите е голема одговорност, но и голема чест, на која што безрезервно и пристапувам.

Сакам да заблагодарам на премиерот Никола Груевски за водењњето на земјата, особено за менаџирањето на состојбите во изминатиот исклучително тежок период и од политички и од економски од безбедносен аспект, за неговата политика која не дозволи ескалација на состојбите и политика која што со мудри чекори придонесе земјата да се извлече од тензичната состојба и да обезбеди услови за напредок, како и за довербата која ми е дадена од него и од партијата да управувам со преодната влада, а која се надевам одлука ќе ја подржите и вие почитувани пратеници.

Мудроста е значајна и карактерна карактеристика, но и значајна категорија која има рефлексија во секоја општетсвена група.Сите ние треба мудро да се однесуваме, и да дејствуваме во најдобар интерес на земјата и граѓаните. Патот кон успехот е резултат на правилен избор на одлуки.

Преодната влада која ќе ја предводам ќе го продолжи започнатото дејствување за реализација на изборен процес кој ќе биде ослободен од било какви дилеми за евентуални влијанија во изборниот процес. Наша задача е организација на избори кои ќе бидат фер и демократски, слободни и ефикасни, и ние таа цел ќе ја реализираме.

Сите државни институции ќе дадат максимум подрршка на оваа основна цел. Сите институции ќе ја почитуваат дословно реализацијата на оваа цел, кадровски, структурно и на нивно на вредност од кој нема отстапување.

Државните институции ќе дадат максимална подршка во средства, кадри, ресурси, материјали, и се што е означено и побарано како потреба на Државната изборна комисија за да може да работи согласно зацртаните цели. Потенцирам максимална кооператвност, соработка и подршка на ДИК. Ја охрабрувам ДИК во својата работа да дејствува непристрасно, ослободена од било каков притисок, принципиелно, државнички, согласно уставот и законите, и да биде движечката сила која ќе покаже лидерство во организација на изборен процес со кој ќе се гордееме како нација.

Политичките партии, исто така треба да даваат максимална подршка на ДИК, но и исто така многу битно, да креираат амбиент кој ќе го поддржи организирањето на фер и демократски избори. Државните и националните интереси на Република Македонија мора да бидат приоритет на политичкото дејствување на секој поединец, група или партија, и парцијалните интереси треба да бидат подредени на државните и националните. Граѓаните очекуваат од политичарите да покажат сенс за нивните потреби, а потребите кои се многубројни може да се сведат на приоритетна основа на организирање на избори во кои сите ќе имаат доверба, прекинување на оваа нелагодна ситуација и агонија, и обезбедување на соодветни, веродостојни и кредибилни услови граѓаните слободно, свесно, самосвесно да одлучат на кого ќе ја дадат довербата да управува со политичките процеси, и да обезбедат нов елан за напредок, за фокусирање и работа на темите кои се од значење на граѓаните и кои реално и суштински  го подобруваат нивниот живот и живото на нивните семејства.

Сакам да се обратам и на опозицијата и да ја повикам на конструктивност во своето дејствување. Ве уверувам дека преодната влада ќе гарантира фер и демократски избори со секое свое дејство и активност, а вие како опозиција имате клучна одговорност во придонесот во организирање на фер и демократски избори преку водењето на клучните ресори и тела кои ги организираат изборите, и вие треба да се вклучите во овој процес кој обезбедува напредок на земјата. Заедно можеме да направиме добри работи за земјата.

Преодната влада ќе го поддржи секој договор по однос на секоја тема кој политичките партии ќе го постигнат по однос на било кое прашање кое е во врска со организацијата на изборите, кое ќе е постигнато врз основа на демократските принципи кои се дефинирани и отелотворени и кај нас и во западните демократии и кое ќе биде во согласнот со националниот и државен интерес, односно нема да е спротивно на овие вредности. Преодната Влада ќе внимава овие решенија да не се во спротивност со уставот и законите.

Сакам да истакнам дека преодната влада ќе го задржи континуитетот на реализација на проектите кои се наведни во владината програма за работа. Ние ќе останеме максимално фокусирани на овие проекти и покрај основната задача за политичко дејствување за организација на изборите, ние соодветно и со исто внимание и важност ќе останеме посветени на секој еден проект кој е во тек, и кој треба започне. Волјата на граѓаните ни е доделена приоритетно како подршка на програма која е јасна, прецизна, со рокови, со носители и буџети која сме им ја ветиле, и гарантирано мора да останеме на тој правец и да не отстраниме од реализацијата, да не дозволиме чувство на изигрување на граѓаните и проектите и ставање во втор план. Затоа јасно велам дека сите членови на владата која ќе ја предводам не смеат да отстапат од проектите кои граѓаните ги подржале, и дека со сета своја сила, и силата на нивниниот тим, на институцијата, на администрацијата треба да дејствуваат да го следат проектите и да ги заокружат. Притоа сакам да истакнам дека ќе ги почитуваме законските норми за динамиката и структурата и процедурите за реализација на проектите во текот на изборниот и предизборниот период, и тоа ќе е во линија со организацијата на фер и демократски избори.

Предоната влада ќе го задржи континуитетот на целата усвоена владина програма, и петте стратешки цели, определби и приоритети наведени во неа.

Република Македонија останува цврсто и недвосмислено посветена на реализација на реформите кои ќе значат унапредување на стандардите за членство во Европската Унија и НАТО. Ние сме дел од евроатлантското семејство и ќе работимепосветено да го надминеме секој предизвик на овој пат согласно позициите кои се јавни и истакнати и да работиме на стандардите кои покрај тоа што ќе го подобрат животот на граѓаните во земјата ќе значат и инклузија во европското и евроатлатнстско семејство.

Продолжувањето на развојот на економијата, согласно започнатта динамика,  ќе остане значајна компонента. Преодната влада ќе спроведува економски политики кои ќе го  продолжат растот на бруто домашниот производ согласно проекциите кои се направени, ќе бидеме внимателни и нема да дозволиме зголемување на надворешниотдолг и тој треба да остане на ниво какво што е сега умерено низок и четврт најмал во европа, ќе дејствуваме да продолжи да расте позитивниот тренд на раст на индустриското приозиводство, раст на сите сектори, и особено битни ќе останеме цврсто посветени на политиките за отворање на нови работни места и продолжување на намалувањето на невработеноста согласно планираните цели.

Добрите мултиетнички односи, и континуираниот развој на добрососедските односи ќе останат стратешка определба.

Заедно со еконоскиот тим на владата ќе продолжиме со политиката на привлекување на странски инвестиции и отворање на фабрики и капацитети. Ќе продолжат и проектите во здравството, образованието, социјалната политика, земјоделството и во сите други сектори.

На крајот би го исткнал следното.

Имаме историска одговорност сите ние да се вклучиме во еден нов почеток, во еден нов циклус кој ќе изобилува со позитиван енергија и пристап.

Граѓаните од нас очекуваат одлуки и обезбедување на нивната иднина, , и наша обврска е тоа да им го овозможиме.

Врвно демократско право е народот на избори да одлучи на кого ќе му ја даде довербата.

Граѓаните се тие кои одлучуваат, а ние треба и ќе продолжиме да работиме за нив, за нашата земја Македонија и за нашата заедничка иднина. Ние ја имаме одговорноста пред граѓаните, и во вакви сложени времиња, не отстапуваме,  продолжуваме одговорно, достоинствено, со чесна намера, и во интерес на граѓаните и на Република Македонија.

Верувам дека сите заедно ќе бидеме дел од успешна Македонија.

Позицијата премиер на преодната влада ќе ја извршувам одговорно и чесно, а изборите кои ќе ги организира оваа влада ќе бидат фер и демократски, и граѓаните ќе одлучат на нив врз основа на програмите кои партиите ќе ги понудат, на кредибилитетот на кадрите и на верувањата и вредностите, на која партија и на кој кандидат за премиер ќе му го дадат мандатот да управува со земјата по 24 април 2016 година.