Димитриев: Самитот за мигрантите во Виена е многу важен за Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Емил Димитриев, денеска пристигна во Виена каде на покана на австрискиот канцелар Кристијан Керн ќе присуствува на утрешниот Самит „Миграцијата долж балканската рута“, јави дописникот на МИА од австриската престолнина.

 

На овој состанок, на покана на канцеларот Керн се очекува да присуствуваат и канцеларката на Сојузна Република Германија Ангела Меркел, унгарскиот премиер Виктор Орбан, премиерите Миро Церар од Словенија, Дачијан Чолош од Романија, Алексис Ципрас од Грција, Тихомир Орешковиќ од Хрватска и Бојко Борисов од Бугарија од земјите-членки на Европската унија. Од земјите долж западно-балканската рута што не се членки на Унијата, освен македонскиот премиер Димитриев, поканети се и претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама и премиерот на Република Србија, Александар Вучиќ.

 

Пред утрешниот важен Самит за Македонија, но и за Европската унија, премиерот Димитриев во изјава за МИА вели дека ова е важен состанок за иднината на земјите долж рутата и справувањето со бегалската рута.

 

– Гледано ретроспективно што Република Македонија направи во справувањето со светската глобална тенденција за мигрирање на голем број на народи ние ќе го истакнеме на утрешниот Самит. Јас можам да кажам дека без разлика што Република Македонија е мала земја со ограничени ресурси, сепак одигра една од клучните улоги во справувањето со мигрантската криза и беше една од клучните земји на балканската рута на движење на мигрантите. Целата активност беше во содејство со инструкциите и во соработка со нашите партнери од европските земји и беше насочена кон хуман, квалитетен прием на мигрантите и нивно спроведување до понатамошните нивни цели.

 

Според претседателот на македонската Влада, утрешниот состанок е важен и од аспект дека е добра прилика да се споделиме целото искуство што Република Македонија го има стекнато на планот на справување со мигрантската криза.

 

– Се работи за исклучително специфична ситуација што во себе содржеше повеќе елементи. Тоа не беше типична мигрантска криза. Беше криза што во себе содржеше голем дел и безбедносни елементи и различни структури што транзитираа низ регионот. Ова беше криза што имплицираше неопходна реигонална и мултилатерална соработка во која Република Македонија одлично се снајде и покажа дека заслужува да биде дел од Еворпската унија. Впрочем, тоа беше кажано и на последниот Самит ЕУ-Западен Балкан дека во делот на мигрантксата криза, Република Македонија се однесувала токму европски, додава Емил Димитриев.

 

Во однос на неговите очекувања од утрешниот Самит, претседателот на Владата на Република Македонија вели дека истите се големи од аспект дека на овој Самит се очекува поконкретен договор за менаџирање на идни вакви слични предизвици.

 

– Тоа го говори и податокот што на овој Самит ќе бидат присутни сите земји што се дел од балканската рута и ќе мора да ја споделат одговорноста за предизвиците што истата ги носи. Република Македонија очекува посеопфатен, поконретен пристап од сите змеји-членки на Еворпската унија, вклучително и од Грција. Тоа не беше во најдобар случај во претходниот период, кога голем број лица веле дека Македонија е земјата што ја брани границата на ЕУ. Гледано од географски аспект, тоа не е така и јас очекувам овојпат да имаме поконкретна, појасна акција од страна на сите земји-членки, интегрирана и координирана политика. Тоа да не биде сведено на национални одлуки на поединечни земји што се на балканската рута, туку тоа да биде многу подобро смислено и изменаџирано што на крајот ќе значи поквалитетно справување со овој предизвик што не можеме да претпоставиме во колкав период во иднина ќе биде присутен, заклучи Димитриев.

 

По најавите за нов наплив на бегалци долж западно-балканската мигрантска рута, лидерите на земјите што се наоѓаат на балканскиот мигрантски пат се очекува утре да договорат заедничка стратегија за спречување на напливот.

 

Покрај лидерите на десет земји од ЕУ и надвор од ЕУ, институциите на Европската унија на овој состанок се очекува да ги претставуваат Доналд Туск, претседател на Европскиот совет и еврокомесарот за внатрешни работи и миграциски прашања Димитрис Аврамопулос.