Димитриевски: Георгиевски да го врати македонското државјанство и да му се извини на македонски народ!

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, реагираше на предлогот кој го даде поранешниот премиер Љубчо Георгиевски за тоа како да се реши спорот со Бугарија.

„Акцискиот план којшто го предложи поранешниот премиер Љупчо Георгиевски е срамен и понижувачки за Македонија и македонскиот народ. Овие ставови директно ги разнебитуваат нашите македонски корени, ги поткопуваат столбовите на постоењето на македонската држава, историја, јазик, идентитет и култура со конечна цел декодифицирање на македонизмот. Доколку кај поранешниот премиер постои малку доблест и свест, под итно треба да го врати македонското државјанство и да се извини на целиот македонски народ“, напиша Димитриевски на социјалните мрежи.

Тој го повикува и Јавното обвинителство екс официо да отвори случај, да спроведе истрага и доколку утврди одговорност за ваквиот предлог кој е противуставен, тогаш да поднесе кривична пријава за дело против државата и поткопување и уривање на уставниот поредок.

„Јас сум еден од многуте граѓани во државата кој секогаш и секаде бескомпромисно ќе се спротивстави на ваквите утопистички ставови. Во оваа прилика ќе потсетам на зборовите на Гоце Делчев: Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот”, напиша Димитриевски.

Предлогот на Георгиевски е бугарското Собрание да донесе декларација во која ќе изјави дека под поимот „македонска нација“ и „македонски јазик“ подразбира само нација и јазик кои се формирани после 1944 година и дека Бугарија со ништо не ги прифаќа тезите за кои смета дека се фалсификат и ја поддржува бугарската историографија во одбрана на својата вистина.