Димитриевски го предводеше марш против францускиот предлог во Куманово

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски денеска заедно со граѓанското здружение „За наше Куманоов“ предводеше марш против францускиот предлог-преговарачка рамка за пристапување на Македонија кон Европската Унија. Димитриевски заедно со сограѓаните држеше плакат на кој беа фотографии од партизани и пишуваше „Загинаа за наше Куманово. Загинаа за наша Македонија“.

Претходно градоначалникот на прес-конференција упати прашање до претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

-Почитувана госпоѓа Урсула секој човек којшто е добронамерен и доаѓа во нашата држава е добро примен, ние сме докажани домаќини кон секого, особено према тие што доаѓаат од Европската Унија. Е ова е и моја Унија бидејќи ние овде на Балканот не само Македонците, сите на Балканот вклучувајќи ги и Албанците, Србите, Бугарите и останатите народи кои живеат на Балканот се чувствуваме Европејци бидејќи сме родени на Балканот на овие Европски простори. Но, почитувана никој не Ви Дозволува и не Ви дава право да отворите тема и да разговарате за името и идентитетот и да давате гаранции, бидејќи ние се бориме за вредностите на Европа, но за вредностите на Шуман, за Европа отворена за сите, Европа без уцени, наметнувања, притисоци, Европа без ултиматуми, без предлози, изјави Димитриевски.

Градоначалникот меѓу другото побара од премиерот Димитар Ковачевски да го објави пред јавноста Протоколот со Бугарија.

-Историјата нема право никој да ја брише, од историјата се учи, се носат заклучоци и се креира врз база на тоа подобра иднина. Ќе учиме од минатото, да ја креираме заедно иднината врз база на взаемно почитување. Јас ги почитувам сите граѓани на Република Бугарија. Цело Куманово ги почитува сите граѓани на Република Бугарија, но ние сме против агресорски и наметнувачки политики коишто доаѓаат од официјална Софија бидејќи недозволиво е еден министер во Влада, европратеник, премиер, заменици премиери, член на президиумот, претседател да ни го негираат јазикот и нацијата и за себе да зборуваат дека тие се Европејци. А, по што тоа ние сме различни?, истакнал Димитриевски.