Димитриевски положи венец во Аушвиц – на церемонијата присуствуваа и претседателката на ЕП Мецола и еврокомесарот Вархеји

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски како претставник од Република Македонија положи венец на Ѕидот на смртта во концентрациониот логор Аушвиц каде биле депортирани Евреите за време на Втората светска војна.

„Чест ми е што како претставник од Македонија и во име на општина Куманово положив венец на Ѕидот на смртта во концентрациониот логор Аушвиц, на покана на Европската еврејска асоцијација. На церемонијата, присуствуваат и претседателката на Европскиот Парламент Роберта Мецола, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, секретарот на Националното собрание на Франција пратеничката Каролин Јанвиер, претседателот на Парламентот на Република Чешка Маркета Пекарова, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, како и други членови на парламенти од 23 европски земји. Концентрациониот логор Аушвиц, каде биле депортирани Евреите за време на Втората светска војна е сведоштво за најсуровото злосторство во историјата на човештвото. Наша мисија е да не дозволиме никогаш повеќе да се случи такво зло на ниту еден човек, припадник на која било религија или нација“, истакнува Димитриевски.

Овогодинешниот симпозиум, се осврнува на потребата за образование за холокаустот како важен приоритет, но исто така ги разгледува и прашањата за заштита на иднината на еврејските заедници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.