Димитриевски: Пругата кон Бугарија беше само предизборна лага на СДСМ

„Флагрантна лага е тврдењето дека пругата кон Бугарија е било кога изградена, а точно  е дека Владите на СДСМ, континуирано ја пропагираат како нивно предизборно ветување, односно предизборна лага за сите избори“, истакна на денешната прес конференција Максим Димитиревски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцира дека градежните активности за кои денес зборуваат СДСМ, потресени од фактот дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ конечно ќе го реализира овој проект, претставуваат всушност само споменици на транзициските деведесети години, кога лидерот во сенка на СДСМ, Бранко Црвенковски ги градеше мостовите кон Клечовце до половина како и мостот кај Велес, трошејќи државни пари за ништо за што и ден денес кој сака може да се увери и да види дека тие никогаш, никому и за ништо не служеле.

„Во период од 1994-1996 година, во времето на владеењето на Бранко Црвенковски и неговата Влада и покрај тоа што бил донесен Законот за обезбедување на средства за финансирање на Програмата за изградба на железничката пруга Куманово-Бељаковце-Крива Паланка – Деве Баир (граница со Република Бугарија ) во 1994 година и биле склучени вкупно 26 договори и 51 анкекс кон Договорите меѓу ЈП МЖ Инфраструктура – Скопје, како инвеститор и фирмите изведувачи на работите за различни секции и различни градежни позиции: Ремонт на пруги АД-Скопје (за делницата од Куманово до Бељаковце), ДГ Бетон АД-Скопје, АДГ Маврово -Скопје, ГД Гранит АД-Скопје и АДГ Пелагонија-Скопје (за делницата од Бељаковце до Крива Паланка), со кои фирмите биле обврзани да ја изработат основната техничка документација и да ги изведуваат градежните работи,  во вкупен износ од 161,5 милиони долари и истите ја надминуваат вредноста на обезбедените средства во висина од 120 милиони долари, определена согласно горе наведениот Закон, градбата на пругата не била завршена, останати се мостови и тунели недоизградени што е евидентно и може да се види на лице место, а финасиските средства се во целост потрошени,“ појасни Димитриевски.

Тој додаде дека во Буџетот на Државата за оваа намена почнувајќи од 1994 година до 2003 година се обезбедувале средства за оваа намена, за да со Буџетот во 2004 година, се прекинало со обезбедување на средствата за изградба на оваа делница, а не се обезбедувале средства ниту за конзервација на она што се изградило до тогаш.

Според Димитриевски, за таа цел тогашното раководство на ЈП МЖ Инфраструктура под водство на Бранко Црвенковски со допис од 27.03.2004 година ги информирало градежните фирми дека –  „Македонски железници не располагат со активни финансиски средства за изградба на железничката пруга Куманово-Крива Паланка-граница со Република Бугарија. Неизвесна е и финансиската конструкција за обезбедување на средства за тековната 2004 година. Со оглед на тоа предлагаме започнатите работи да се стават во мирување. Доколку Вие одлучите, а со оглед на новонастанатата финансиска состојба можете одредени позиции да ги доработите за да се доведат започнатите објекти во безбедна состојба“.

Според анализите кои ги направи Министерството за транспорт и врски во 2009 година, штетите кои се направени, поради едностраниот прекин на работите изнесуваат околу 20 милиони евра и истите се должат на бројните судски спорови кои ги имаа покренато градежните фирми против ЈП „МЖ Инфраструктура“ како и оштетни побарувања. Тука треба да се кажат и авансите кои се дадени на градежните фирми во тој период, а кои не се релизирани и истите се во износ од околу 9 милиони евра.

Владата на Република Македонија од 2006 до сега посветено и напорно работи на подобрување на состојбата на железницата во Република Македонија.

„Имено, како еден од врвните приоритети на Владата на Република Македонија е создавање на сите услови за довршување на Коридорот 8. За таа цел во период од 2009 до 2012 година се изработија иницијалните и почетни документи и тоа Физибилити Студија и Студија за Оценка на влијанието врз животната средина и социо-економскиот живот за делницата од Кичево до Лин, граница со Република Албанија и Физибилити Студија и Студија за Оценка на влијанието врз животната средина и социо-економскиот живот за делницата Куманово-Деве Баир во 2011 година. Тоа се документи без кои ниедна серизна Меѓународна Финансиска Институција не може да ги почне преговорите со идниот инвеститор“, посочува тој нагласувајќи дека во исто време, Договорите кои беа склучени во периодот од 1994 година меѓу ЈП МЖ Инфратсруктура-Скопје и градежните фирми се раскинати вонсудски, без никакви дополнителни трошоци.

Како резултат на овие Студии, појасни Димитриески, во 2012 година Бордот на Директори на Европската Банка за обнова и развој дозволи да и се додели заем на Република Македонија во износ од 46.4 милиони евра за започнување на градежните работи за делницата од Куманово до Бељаковце,  а на 20.12.2013 година се склучи Договор меѓу ЈП МЖ Инфратрсуктура-Скопје и германската фирма WIEBE за изведување на градбата која ќе започне најкасно до март 2014 година и до 2016 година истата треба да биде завршена.

Паралелно со активностите поврзани со првата делница од источниот дел од Коридорот 8 се изведуваат и работи на проектирање на втората делница од овој Коридор, односно на делницата од Бељаковце до Крива Паланка. Инвестиционо-техничката докуметација ќе биде готова до крајот на првиот квартал од 2015 година, а до крајот на третиот квартал од 2015 година ќе биде избран и изведувачот на градежните работи. Средствата за изградба на оваа делница ќе се обезбедат од Европската Банка за обнова и развој и разговорите со оваа Банка веќе се во тек.

За третата и последна делница од источниот дел од Коридорот 8, оваа година (во 2014 година) ќе се распише тендер согласно правилата на Европската Унија за избор на фирма која ќе ги изработи основните прокети и до крајот на 2016 година, инвестиционо – техничката документација ќе биде изработена, по што ќе следи обезбедување на финансиски средства и избор на градежна фирма. Важно е да се каже дека средствата за изработка на инвестиционо-техничката документација во износ од 3,5 милиони евра се обезбедени.

Подеднакво и со ист интензитет на работа се прават подготовки за избор на консултантска куќа која треба да ги изработи основните проекти за западната делница од Кориодр 8, односно врската од Кичево до Лин, граница со Република Албанија. Во текот на 2014 година постапката за избор на проектантот ќе биде целосно завршена и ќе се склучи договор, по што во рок од 24 месеци ќе треба да се изработат проекти. Важно е да се каже дека средствата за изработка на инвестиционо-техничката документација во износ од 8,0 милиони евра се обезбедени.

Тука се и активнсотите околу обновата на возниот парк на Македонски железници Транспорт АД-Скопје. Имено во текот на 2014 година ќе се произведат нови 150 товарни вагони кои се потребни на македонската индустрија, а во период од 2014-2016 година ќе се набават нови 6 патнички гарнитури, со што условите за превоз на патници ќе се подобрат во значителна мера.