Димитриевски: Трета недела во Куманово се случува тортура од одредени полицајци, јас и моите поддржувачи сме следени од вработени на МВР

Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска одржа прес-конференција на која информираше за притисокот што денеска се случи од страна на полициски службеници.

– Еве веќе трета недела по ред во Општина Куманово се случува невидена тортура и притисок од страна на поедини полициски службеници. Јас како кандидат за градоначалник и сите мои поддржувачи и активисти од штабот „За наше Куманово“ се предмет на физичко и друго следење од страна на поедини лица вработени во Министерството за внатрешни работи. Имено, денеска откако го напуштив своето работно место и се упатив кон мојот матичен лекар за да одам на редовен преглед и да примам терапија, се упативме со лицето Дејан Димитриевски коешто го управуваше возилото, кое е уредно, технички и технички исправно. Бевме следени целиот тој период од страна на бело возило марка шкода октавиа, кое нема обележани флешеви и други пропратни елементи, тоа е полициско возило, имаше полициски таблици“, рече Димитриевски и додаде дека возилото коешто го следи го управува возачот на актуелниот началник на СВР Куманово Стојанче Величковиќ.

Откога го виделе, потоа биле застанати од три полициски службеници коишто на многу непрофесионален начин пристапија до возачот и ги побараа документите од него, а на Димитриевски не сакале воопшто ниту да му одговорат на ниту едно прашање.

– Бевме задржани некаде околу час и половина. Побарав објаснување од нив, затоа што нема објаснување зошто сме застанати. Рекоа дека се работи за рутинска контрола, го спречија сообраќајот на улицата. Во неколку наврати и сами го прекршија законот за сообраќај. Ни дадоа насоки да ги следиме кадешто со флешеви со полициска придружба првично не одведоа во непознат правец, а дополнително на технички преглед, кадешто беше извршена и рутинска техничка контрола на возилото. Целиот период полициските службеници беа крајно непрофесионални. Побарав истите да се идентификуваат, на моето барање неколку пати го одобрија тоа. Ги дадоа своите значки, додека третото лице рече дека нема значка и е полициски приправник. Ми го кажа своето име и презиме. По моето барање откако заврши техничката и рутинската контрола на возилото, беа востановени неточни податоци, потенцираше Димитриевски.

Тој ги демантираше натписите на одредени електронски портали и медиуми дека има управувано со моторно возило и наводно истото не било регистрирано.

– Тоа е апсолутно невистина. Во целиот период додека сум во кампања, многу ретко управувам со моторно возило. Моторното возило кое го користиме во кампања е возило со уредна и техничка документација согласно законот. И управувано согласно полномошно од страна на други лица. Ова е само континуитет во обидот да бидат заплашени луѓето од тимот на Максим Димитриевски и мене како кандидат. Сакам да испратам една јасна порака до господинот Оливер 1 и господинот Оливер 2. 31-ви октомври е многу близу. Граѓаните ќе видат со каква нереална власт којашто од страна на поединци се трансформира за жал во режимска власт се соочуваме. Кај нас, во Куманово притисоци не поминуваат. Дополнително, слушнав дека е покрената активност во рамки на Министерството за внатрешни работи, сега е тоа на истрага од внатрешна контрола. Сакам притоа, за да не се водиме по системот кадија те суди, кадија те тужи, да го потсетам министерот Спасовски дека веќе во штабот „За наше Куманово“ имаме пријавено неколку кривични дела коишто се работат согласно законот, поврзани дејствија со изборниот процес. Едниот е за физичкиот напад, насилно однесување, растурање на народен собир на локација Долно Којнаре. А другата е за изнудување на поткуп во изборен период. Се уште нема повратна информација до пријавителите. Паралелно сме сведоци како се прославуваат лажни настапи со лажни победи на коишто се пее и од ваша страна „Чао Максо“, а вистинската песна е „Чао бела“. Тоа имавме можност да го научиме во други времиња кога се боревме за исти вредности. Денеска, министер вие се борите токму поради таквите вредности коешто своевремено се боревме заедно. Затоа, уште еднаш апелирам на смиреност, благодарам за поддршката која ја испраќаат поедини кои дојдоа на местото. Заедно со граѓаните продолжуваме напред, за наше Куманово и за поголеми демократски вредности во наша Македонија, истакна Димитриевски.