Димитриевски за Резолуцијата: Конечно Македонците смогнаа сила да се обединат, благодарен сум и среќен поради ваквата одлука

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски го поздрави и поддржа усвојувањето на Резолуцијата за утврдување на државните позиции во контекст на блокадите на европските интеграции на државата од страна на соседна Бугарија, која вчера со консензус ја усвои Собранието.

– Конечно Македонците смогнаа сила да се обединат, но воедно бевме разбрани и од другите етнички заедници и подржани во настојувањата за сочувување на нашата етногенеза. Благодарен сум и среќен поради ваквата одлука на парламентот – истакна Димитриевски.

Тој потенцираше дека ова е неговиот став за кој тој јавно говореше уште минатата година, иако тогаш покрај поддршката од граѓаните, наиде и на критики од поединци од редовите на неговата матична партија СДСМ кои се оградија од неговите јавно изнесени ставови.

– На 28.11.2020г. го искажав мојот став по оваа прашање, иако генерално наидов на поддршка кај граѓаните имаше и критики од поединци и интересни групи кои ме осудуваа за таквите мои ставови изнесени во јавноста а воедно и се оградуваа. Денеска сум уште повеќе уверен дека без разлика на политиката и како таа се практикува, сите сме обединети во процесот нашата држава да напредува и да се интегрира на еден достоинствен начин негувајќи ги етничките чувства на сите, но и во рамки на проектот ОТВОРЕН БАЛКАН да се здружиме сите и да направиме многу повеќе заедно и обединети за себе самите бидејќи ние сме Македонци но воедно сите во очите на светот а и дома сме Балканци – вели Димитриевски.