Димитриевски: Земјиштето го купив со пари од Ирак, пратеничката на СДСМ да ми се извини или ќе ја тужaм за сите лаги досега

Земјиштето е приватно, стекнато кога работев во Ирак и кога не се бавев со политика, лагите нема да ви поминат, им порача Максим Димитриевски на кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ Оливер Илиевски и пратеничката на СДСМ Лидија Тасевска.

Тој се осврна на прес конференцијата на која денеска СДСМ излезе со обвинување дека Димитриевски додека ја извршувал функцијата градоначалник се стекнал со илјадници квадратни метри државно земјиште.

– И двајцата денеска излегоа со информација за моја наводна злоупотреба на службената положба за купување на државно земјиште. Кандидатот за градоначалник Илиевски во дебатна емисија дезинформира дека имотот сум го стекнал кога сум бил претседател на Советот во општината, додека пак пратеничката Тасевска дезинформира дека имотот сум го стекнал додека сум
бил градоначалник. Пред да изнесувате вакви информации потребно е претходно да ги знаете фактите! Точно е дека имам земјиште, но за него се водеше постапка 9 години, а тогаш немав ништо со политика. Како и многу други мои сограѓани работев во Ирак, спечалив пари и купив земјиште, кое не е државно како што вие дезинформирате, туку е купено од приватно лице како и многу други купувачи од мојот град во тоа време кои купија имот на таа локација „Црвенки”. Ова земјиште е уредно пријавено, со документи и сите постапки како мој имот и тоа се гледа во мојата пријавена имотна состојба во ДКСК – вели Димитриевски.

Тој им порача на Илиевски и Тасевска пред да излезат заеднички во јавност со дезинформации и обвинувања, потребно е подобро да се спремат.

– Со ваквите неосновани напади кои сакате да ги злоупотребувате во политички цели само докажувате дека вашата цел е да победите на локалните избори со лаги и притисоци. Граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ континуирано во текот на целата кампања се соочува со закани, притисоци, местенки, но тој начин за доаѓање на власт повеќе не поминува! Доколку пратеничката Тасевска во рок од 48 часа не се извини, ќе биде покрената тужба – вели Димитриевски.

Според Тасевска, Општина Куманово извршила продажба на над 26 хектари атрактивно државно неизградено земјиште на локацијата „Живкова карпа“.

„Документи од катастарот за недвижнини покажуваат дека Максим Димитриевски купил 9.961 метар квадратен во местото „Црвенки“, државно неизградено земјиште.Продажбата на ова земјиште по цена од едно евро по метар квадратен ја извршила Општина Куманово, што значи градоначалникот Димитриевски продава, градоначалникот Димитриевски купува државно земјиште. Покрај Димитриевски парцела од иста квадратура на оваа локација купил и Бојан Јордановски, син на вработена во општината и директорот на основното училиште „Толи Зордумис“. Така, земјиштето купено по едно евро за квадрат по урбанизацијата и по делењето на помали парцели, за некое време може да вреди и 50 евра за метар квадратен. Односно за вложени 10.000 евра, да се заработат и 500.000 евра. Премногу детали укажуваат дека купувањето на државно земјиште од страна на Димитриевски не е случајно“, велат од СДСМ.

Партијата  ги повикува надлежните институции да покренат соодветна постапка и да го истражат овој случај.