Димитров ја „преживеа“ интерпелацијата

Собранието доцна синоќа не ја прифати иницијативата на опозицијата за отповикување од функцијата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Расправата траеше 12 часа – „за“ интерпелацијата гласаа 53 пратеници, 55 беа против, а ниту еден воздржан.

Ова беше трета интерпелација за Димитров во изминатите три и пол години. Првите две беа додека тој ја вршеше функцијата Министер за надворешни работи.

Опозицијата го обвинуваше Димитров дека е виновен за манипулацијата на јавноста за добивање на датумот, како и потпишувањето на договорот со Бугарија, поради што сега е блокиран почетокот на преговорите со Унијата. Повторно беа упатени низа обвинувања дека власта преговара за идентитетот и јазикот, што Димитров категорично ги отфрли и порача опозицијата да не го саботира во работата, оти тоа е на штета на државата.