Димитров: Ако нема позитивна одлука, тоа ќе значи голема разочараност за граѓаните

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се обрати пред комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент каде побара од Европската Унија да го исполни ветувањето за отворање на преговорите за членство дадено во јуни 2018-та година.

Министерот порача дека Европската Унија треба да продолжи да влијае позитивно врз реформскиот процес во регионот, и дека поради тоа е важен нејзиниот кредибилитет во однос на Северна Македонија, кога четиринаесет години е земја кандидат за членство, со десет последователни препораки за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Димитров истакна дека доколку оваа недела нема позитивна одлука за старт на пристапните преговори со Унијата, „нема да биде лесно“ да се продолжи со истата политичка енергија во земјата, но и дека тоа ќе значи голема разочараност за самите граѓани.

-Потребно ни е горивото кое доаѓа со таквото политичко охрабрување за да продолжиме да се движиме во правата насока, изјави Димитров пред европратениците.

Тој изрази поддршка и за барањата на Франција за промена на методологијата за преговарчкит процес.

-Луѓето немаат што да изгубат ако пристапниот процес биде предмет на поголем надзор, немаме што да добиеме ако утре Советот каже дека можеме веднаш да станеме земја членка, ќе бидеме истата земја, нам ни е потребен процес да станеме повеќе Европејци, го поддржуваме ова, но ако вториот столб е кредибилитетот, првиот е перспективата, изјави министерот за надворешни работи.

Министерот потсети на важноста на сигналот за старт на преговори за целиот регион и кредибилитетот на Унијата во истиот.

Поддршка за Македонија беше изразена од речиси сите европратеници кои побараа збор по обраќањето на Димитров, освен од бугарски пратеник кој предупреди дека земјата сѐ уште не е подготвена.

Француската пратеничка од редовите на партијата на Емануел Макрон и поранешна министерка за европски прашања, Натали Лоазо, порача дека  Македонија и припаѓа на Европската Унија од секој аспект и рече дека ја разбира важноста да се задржи европската перспектива за да се поддржат реформските сили во земјата, но таа уште еднаш потсети и на потребата од внатрешна реформа на ЕУ.

– Нашата куќа не е средена, имаме тензии, не смееме да ги премолчиме и да глумиме дека проширувањето  е лесно, за да успее проширувањето треба да си ги дадеме себеси средствата, да ги избегнеме лесните и демагошки дискурси дека е важно сега да се отворат преговори, и не е важно колку време ќе траат. Долги преговори исто толку доведуваат до очај, истакна пратеничката Лоазо.

Таа го праша Димитров дали доколку Северна Македонија сега беше членка на ЕУ ќе застанеше зад заедничкиот став на Унијата за Турција со кој се осудува нападот врз северостичниот дел на Сирија.

Министерот одговори дека „со голема загриженост“ се следи ситуацијата, посебно поради тоа што Северна Македонија ќе биде на удар доколку дојде до повторна миграциска криза.

– Ќе се изразам без претходно усогласување со владата, но би рекол дека целосно би ја усвоиле позицијата на ЕУ, одговори министерот за надворешни работи. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.