Димитров: Јазиот не е предмет на признавање или не признавање на држави

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров за „Топ Тема“ на Телма ТВ во однос на барањата на Бугарија во врска со македонскиот јазик и неговото негирање, изјави дека јазикот не е прашање што е предмет на признавање или не признавање на држави.

– Прашањето е старо, датира од самиот почеток на признавањето. Бугарија беше прва држава која ја призна нашаѕа независност, меѓутоа ова прашање долго време се провлекува, долго време немавме и билатерални договори и тоа се отклучи на некој начин преку политичката декларација од 1999 година. И таа формулација од декларацијата – македонски јазик согласно Уставот и бугарски јазик согласно Уставот, се користи во сите билатерални договори. И таа е содржана во договорот за Добрососедство. Во изјавата иако Бугарија се повикува на јазичната клаузула која постои во билатералните односи, и мислам дека е важно да се објасни дека таа е целосно симетрична и реципрочна – македонскиот јазик и бугарскиот се во иста позиција во комуникацијата. На некој начин Договорот става рамка и овие барања според нашите позиции и перспективи излегуваат вон договорот. Бидејќи во договорот се споменува македонскиот јазик и е исто поставен со бугарскиот, вели министерот.

Според него,предизвикот е голем бидејќи не можеме да се откажеме од овие две суштински цели.

– Нам ни требаат и двете – македонскиот јазик и идентитет, околу таа работа не може да се преговара, особено по Преспанскиот договор кој што го комплетираше и го затвори процесот на нашето зачленување во ОН. Со изразување на нашето право за самоопределување и нашата лична карта во ОН, меѓудругото го содржи и македонскиот јазик. Јазикот не е прашање што е предмет на признавање или не признавање на држави. Во меѓународното право, држави признаваат други држави и влади. Меѓутоа во 21 век во Европа особено, не може да се негира правото на самоизразување и самоопределување. Македонскиот јазик е наша работа, вели Димитров.

Тој вели дека таа цел мора да сепостигне, но истовремено треба да се случи првата меѓународна конференција каде треба и согласност на Бугарија.

– На ниво на принципи, овие две цели се целосно комплементарни. Ние не влегуваме во некаков сојуз кој е голопрагматичен и кој нема вредности. Во секоја поважна политичка изјава на ниво на ЕУ, се споменуваат европските вредности. Би било незамисливо процесот не европска интеграција да значи некаков идентитески предизвик за земја која што е во Европа. Ние сме кандидат 15 години, добивме „зелено светло“ на 26 март конечно каде и Бугарија учествуваше во тој консензус, меѓутоа истовремено во записникот од состанокот постави свое гледање на работите каде овие работи ги изнесе. Нашата задача сега е како во односите со Бугарија да градиме пријателство, да дојдеме до разбирање дека не може да се допира таму каде е свето – јазикот и идентитетот и како да ја градиме заедничката иднина и како ова минато заедничко, наместо да не разделува, како да направиме да не поврзува. Ќе ни биде многу тешко, ќе треба многу работа и мудрост. Невозможно е да градите пријателство, ако го предизвикувате идентитетот на соседот. Ако долгорочната цел на Бугарија е да биде блиска со С.Македонија, овој предизвик сега што е поставен не оддалечува, смета Димитров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.