Димитров – Блок: Македонија треба да ги почне пристапните преговори за членство во ЕУ

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на негово барање, вчера во вечерните часови телефонски разговараше со холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок во светло на Советот за општи работи на ЕУ, којшто е предвиден да се одржи на 24 март, а на кој ќе се разгледува донесување на одлуката за отпочнување на пристапни преговори со Македонија и со Албанија, соопшти МНР.

– Блок го информираше Димитров дека во писмото до холандскиот парламент, холандската влада ги споделува наодите на Европската комисија дека владата на Македонија продолжи да испорачува опипливи и одржливи резултати во однос на условите поставени од Советот на ЕУ во јуни 2018 година.

Блок уште еднаш истакнал дека Холандија смета дека Македонија треба безусловно да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ, односно дека по донесувањето на Законот за јавно обвинителство не постојат никакви пречки за почеток на преговорите – велат од МНР.

Димитров ја реафирмирал заложбата на нашата земја за продолжување на зацртаниот реформски пат во однос на евроинтеграциите, а биле разменети и информации и за мерките против коронавирусот и ситуацијата на границите низ Европа.

МИА