Димитров, бугарски историчар: Се уште сме во десетиот век и нема чекор напред

Бугарскиот копретседател на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, Ангел Димитров смета дека дванаесеттиот состанок на ова тело, што се одржа во онлајн формат вчера и денеска, завршил без напредок.

– Ние се уште сме во десетиот век и нема чекор напред  – изјави Димитров на брифинг во бугарското МНР.

Според него, се уште не е решен спорот околу цар Самоил и случувањата од периодот на крајот на Првото бугарско царство, бидејќи од македонска страна постоела целосна воздржаност да се спомене дека заедничката историја започнала, како што вели, во средниот век и поради „двоен стандард во проценката за Самоил, во зависност од тоа дали станува збор за заеднички прослави или за текстовите во македонските учебници“.

Извори од тимот на македонските членови на Комисијата, за Радио Слободна Европа брифирале дека понудиле неколку предлози за Цар Самоил кои претставувале чекор напред од нивните досегашни позиции, но дека бугарските колеги ги одбиле и останале на своитe стари ставови „кои се во основата на спорот помеѓу двете историографии“.

Претходно, македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека на 12-та средба на Комисијата за историски прашања не бил постигнат напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, ниту согласност за прашањата поврзани со средниот век.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.