Димитров и Османи во Брисел се сретнаа со министрите за надворешни работи на Шведска и Финска

Во рамките на работната посета на Брисел, заменик-претседателот на Владата  задолжен за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на Советот за општи работи на ЕУ, се сретнаа со министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде и со министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто.

Како што соопштија од владината прес-служба, акцент на разговорите на сите средби, биле следните чекори на европскиот пат на Македонија, вклучувајќи го усвојувањето на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Димитров и Османи потсетиле на севкупните постигнувања на земјата во изминатиот период, како на домашен план, така и на планот на унапредување на регионалните, и пред сѐ, на добрососедските односи.

Како што се наведува во соопштението, министрите Линде и Хависто, изразиле конзистентна и принципиелна поддршка за нашите европски интеграции.

Посетата на Брисел на Димитров и Османи продолжува со средба со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја претседавач со Советот на ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.