Димитров и Пендаровски во мртва трка за претседателски кандидат на власта

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски влегуваат во најтесниот избор на кандидат за претседател на власта, откриваат партиски извори.

Според информациите, Димитров и Пендаровски имале најдобри резултати од истражувањето на јавното мислење кои СДСМ ги нарачале во изминатиот период.

Според неофицијални извори, Пендаровски, кој беше кандидат на СДСМ и на претходните претседателски избори во 2014 се смета за поприфатлив за социјалдемократите, додека Димитров се смета дека ја има поддршка на странскиот фактор.

Околу изборот на Димитров се двоумат албанскиот партии. За нив спорни се контактите  и средбите на Димитров, за време на неговиот амбасадорски мандат во Холандија со Јохан Тарчуловски додека траеше судењето во Хаг.

Токму околу ова вчера беа прашани и Заев и Ахмети.

„Не сакам да бранам ниту еден кандидат. Прво, Димитров ми е еден од најблиските соработници како министер за надворешни работи“, рече Заев.

Ахмети пак рече дека не сака сега да се изјаснува за имиња. Вели се прават анкети кои треба да дадат поконкретни сознанија.

Познато е дека СДСМ го истражуваше рејтингот на десетина потенцијалните кандидати меѓу кои Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Пендаровски, Димитров, Денко Малевски, Имер Селмани, Мухамед Зекири, Рената Десковска, Теута Арифи и Ѓорѓи Филипов.

Димитров веќе се подготвува за кампања

Во изминатиот период Димитров не ја отфрлаше можноста да биде претседателски кандидат. Неодамна изјави дека води сам со себе дебата околу ова прашање, притоа истакнувајќи ги предностите зошто тој би требало да биде избран.

Тоа што се споменува моето име како можен кандидат за претседател е чест. Можеме да влечеме поуки од изминатите години и сето она што се случуваше како аболицијата, непотпишувањето на законите, има многу лекции за учење. Дебатата дали сакам да бидам претседател ја водам сам со себе. Јас сум човек кој што води значаен сектор, а не е член на партија, тоа е една важна работа. Од сево ова произлегува дека не ја исклучувам можноста да се кандидирам за претседател“, рече Димитров во емисијата „Отворено“ пред околу еден месец.

Инаку, Нетпрес објави и претходно дека Димитров веќе формирал тим кој што би му ја водел предизборната кампања и кои веќе подготвуваат терен за неговата кандидатура.