Димитров: Имавме зелено светло за безусловен старт на преговори, нашиот успех ќе биде и успех на Бугарија

Македонија постигна напредок и можеме и треба да бидеме задоволни од целокупната оценка на Европската комисија (ЕК), изјави вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, на прес-конференцијата со евроамбасадорот Дејвид Гир, на која го презентираа новиот годишен извештај на ЕК за земјата.

На новинарско прашање за спорот со Бугарија, Димитров посочи дека Северна Македонија доби зелено светло за безусловен старт на преговорите и дека успехот од пристапниот процес ќе биде успех и на Бугарија.

„Да не заборавиме, од двете зелени светла, едното – за Северна Македонија, беше безусловно. Значи, нема услов што треба да се исполни за да почнат пристапните преговори. Затоа е многу важно за ЕУ таа одлука да се спроведе, во смисла на прва меѓувладина конференција. Но, покрај македонскиот и европскиот влог, тука голем влог има и нашиот сосед – Бугарија. Мислам дека успехот овој процес да продолжи, ќе биде успех и на Бугарија, како земја сосед и пријател што сака да стане уште поголем пријател. Нема уште многу време, можеби уште четири–пет седмици. Ние на политичко ниво се обидуваме да стапиме во контакт, инициравме средби, работиме дипломатски посебно интензивно. Ќе видиме како ќе одат работите. Не би сакал да го потценувам предизвикот, но не смее да се потценува и огромната одговорност на сите вклучени, како и огромната шанса што е пред нас – да имаме успех и за нас и за нашите соседи и за ЕУ“, рече Димитров.

Димитров рече дека ако во декември се одржи првата меѓувладина конференција, тоа ќе биде голем успех и за земјава и за ЕУ.

„Имав корисни средби во Берлин и на сите ми беше потврдено дека еден од главните приоритети на германското претседателство во делот на соседството е да почнат пристапните преговори со Северна Македонија. Мислам дека со таа поддршка и со мудрост од сите страни, ќе дојдеме до тој заеднички успех – и да заживее новата методологија и ние конечно да почнеме пристапни прегвори, бидејќи, судејќи според овој Извештај и ова што го слушам компаративно, извештаите за другите земји, за целиот регион, нашиот напор за реформи е шанса не само за нашите граѓани, туку и за ЕУ да покаже дека овој процес вистински може да трансформира држави во европски демократии каде ќе владее правото. Така што, влогот не е само наш. Преговарачката рамка првпат ќе ја отсликува и рефлектира новата методологија – процесот да ги наградува тие што ќе сработуваат и да ги казнува тие што нема да сработуваат или ќе одат назад“, истакна Димитров.

Како што кажа Димитров, оценката за вкупната подготвеност за напредок е 3,11 или добро ниво на подготвеност, што значи дека споредено со претходната година има одредено поместување во нагорна линија, затоа што оценката за подготвеност лани била 3,06.

Димитров посочи дека е нотиран напредок во борбата против корупција, трговски друштва, земјоделство, образование, а помал напредок, како што вели, имаше и во јавна администрација, слобода на изразување односно на медиуми, пазарна економија, финанасиски услуги, трансевропски мрежи, финансиски и буџетски одредби.