Димитров очекува напредок во разговорите со Атина во Виена

Духот и традицијата на Виена можеби ќе ни помогне да го поместиме проблемот напред и да има нешто конкретно и видливо во насока на надминување на прашањето за името, а станува збор за проблем кој е најважен за нас, и за другата страна, меѓутоа има важни регионални импликации и влијае врз политиката на ЕУ кон Балканот, изјави во вторникот министерот за надворешни работи Никола Димитров на прес-конференција со австриската колешка Карин Кнајсл, во пресрет на средбата во петок во Виена со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, и медијаторот на ОН Метју Нимиц.

„Разменивме предлог-спогодби, една добивме од грчката страна, една добија тие од нас, во процесот мора да се земат предвид позициите и аргументите на двете страни и мислам дека ќе биде многу корисно ако размислуваме и тоа мислам го спомнавме заедно со грчкиот колега на прес-конференција, што е тоа што е најважно за Македонија, што е тоа што е најважно за Грција, и тоа е патот што ќе не донесе кон решение“, рече Димитров.

Истакна дека доколку се размислува само што е најважно за нас или што е најважно за нив, дека тој пат нема да води кон решение, бидејќи „на крајот на тој пат мора да има задоволство и покривање на главните грижи на двете страни“.

„Ние сме соседи и ако еден од соседите се чувствува многу повреден или онеправдан, тогаш не сме направиле ништо од оваа операција, бидејќи целта на процесот е да станеме блиски, да решиме еден долгогодишен, децениски, проблем и да научиме да си веруваме едни со други и да бидеме сојузници, бидејќи меѓудругото, решението ќе не води кон сојузници и во ЕУ и во НАТО, рече Димитров.

Истакна дека ако на земјите кандидати и оние кои се во пристапни преговори им е потребен
натпревар кој ќе биде подобар во реформите дома, во процес за надминување билатерални спорови би било убаво да се натпреваруваме кој ќе има поевропски пристап, кој ќе има пристап што ќе го отсликува сегашното време.

„Низ мигрантската криза во 2015 Европа беше сведок колку стабилноста на Балканот е интегрален дел од стабилноста на ЕУ. Затоа на некој начин иако е ова билатерално прашање,одговорноста да се отвори патот за Македонија, која чека во чекалната на од 2005 година, изгубивме една генерација со ова прашање, мислам дека оваа одговорност е споделена одговорност. Ќе биде многу тажно, ако не успееме да ја отвориме таа врата за прашања што не се соодветни на времето и векот во кој живееме и на европските вредности, каде што различноста се слави“, истакна Димитров.

Изрази надеж дека за време на претседавањето на Австрија ќе се донесе политичка одлука во земјите-членки на ЕУ, Македонија да ги отвори пристапните преговори, додавајќи оти земјата прави се Грција да биде дел од тој консензус.

Австриската министерка Кнајсл изрази задоволство што Австрија ќе може да пружи поддршка на двете страни.

„Се радуваме што можеме да бидеме место за дијалог и да кажеме дека и тоа е форма на дипломатија – значи да дадеме услуги. Ние не сме медијатори, туку сме место за разговори“, тече Кнајсл додавајќи дека се’ што може „Австрија ќе придонесе овие разговори да се случат во дискретна и инспирирачка рамка“.

Според неа, суштинска алатка на дипломатијата е јазикот – прецизно да се употребува јазикот, додавајќи оти тука има многу креативни луѓе кои сакаат да најдат решение кое ќе ги исполни сите барања кон прецизноста.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.