Димитров: Ова е историски настан, создаваме посветла иднина

Шефот на макоднската дипломатија додаде дека „треба нешто да се даде ама и нешто да се загуби. И двете страни го сторија тоа“.

Како полноправна членка на НАТО Македонија ќе стане постабилна и со зацврстена безбедност дома и во регионот, додека ратификацијата на протоколот за членството во грчкиот Парламент е завршена работа.

Ова синоќа го изјави македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во текот на  дискусија во Атлантскиот Совет посветена на зачленувањето на Македонија во НАТО а во рамките на иницијативата „Балкан напред“.

Министерот се обрати пред експерти, претставници на невладини организации и дипломатскиот кор во Вашингтон.

-Ова е историски настан, ја пишуваме историјата со тоа што создаваме посветла иднина во регион полн со историја и конфликти – порача Димитров.

На прашењето на директорот на Атлантски совет, Дејмон Вилсон, што понатаму, и какви се подводните сцили и харибди можат да се појават како резултат на Преспанскиот договор, Димитров е убеден дека грчкиот Парламент ќе гласа позитивно за влезот на Македонија во НАТО, „и формално да се затвори прашањето за името“.

-Многумина политичари од регионот создадоа кариери и политички капитал со ширење на страв и омраза, но ако се донесе надеж тоа ќе чини нечиј политички капитал. Двајцата лидери, Зоран Заев и Алексис Ципрас, всушност потрошија голем дел од својот политички капитал, иако тие ќе поентираат, но тоа зависи од успешноста на имплементацијата на овој договор – укажа Димитров.

Шефот на макоднската дипломатија додаде дека „треба нешто да се даде ама и нешто да се загуби. И двете страни го сторија тоа“.

Димитров имаше дводневна работна посета на Вашингтон, со повеќе средби во Стејт департментот, Белата куќа и на некои невладини организации.

Во Стејт департментот тој се сретна со Вес Мичел, заменик на секретарот за Европа и Евроазија во заминување. На средбата се разговарало околу активностите врзани со имплементацијата на Преспанскиот договор, како и претстојните активности околу ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО.