Димитров: Почеток на преговорите со ЕУ ќе биде или заеднички успех или заеднички неуспех

Македонија се подготвува за позитивно сценарио во однос на одржувањето на заедничката Меѓувладина конференција со Европската унија, се прават напори и се преземаат дипломатски активности во таа насока, порача во саботата вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, но досегашниот шеф на македонската дипломатија не ја исклучи можноста во декември да не почне Меѓувладината конференција поради противење на соседна Бугарија.

Во врска со тоа, Димитров истакна дека евентуалниот неуспех во однос на одржувањето на Меѓувладината конференција „нема да биде само македонски, туку ќе биде пораз и за европската слика за соседна Бугарија“, но во прв ред за самата ЕУ и за нејзините темелни вредности.

„Не може да се исклучи дека ќе нема меѓувладина конференција до крајот на оваа година, но ако причината за тоа е македонскиот јазик, јас сум ок со тоа“, рече Димитров одговарајќи на новинарски прашања.

Потенцираше дека се прават дипломатски напори да се најде излез од оваа ситуација, но, како што рече, полето „ни е неограничено“.

„Нашето право на самопределување во XXI век и на овој континент не може да биде спорно и ако македонскиот јазик стане пречка за интеграцијата во ЕУ, ќе стане спорна придавката во името на ЕУ, бидејќи не може да сте европски, а да се мешате во правото на еден народ да каже што е и каков јазик зборува. Ниту на ваков начин може да се изгради вистинско здраво пријателство, што ќе се базира на заемна почит“, рече Димитров.

Смета дека во моментов одлуките во ЕУ се носат со консензус и оти земјава за секој зависи од сите земји членки

„Во овој момент зависиме од согласноста на сите до една земји членки за секој чекор напред во европскиот процес на нашиот европски пат. Ќе бидеме разумни, ќе бидеме мудри, ќе го промовираме и ќе го чуваме тоа што е наше и ќе работиме на почит и разбирање, меѓутоа легитимно е да очекуваме возвратна почит и разбирање. Ќе видиме што ќе биде,“ рече Димитров.

Вицепремиерот не смета дека работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија е неуспешна, особено, ако како референтна точка се земе фактот дека вакви комисии од други земји работат со децении. Затоа, рече, милсм дека Македонско-бугарската комисија работи продуктивно и со полна пареа.

Додаде дека се вложува и во билатералниот однос со Софија и наскоро, во следните неколку денови и недели ќе се види резултатот.

„Точно е нема многу време, се работи за неколку недели. Истовремено, наше е да објасниме за нашите позиции, да го објасниме влогот. Има голема амбиција во Берлин овој процес да успее. Канцеларката Меркел јавно во Европскиот парламент јавно кажа дека еден од најголемите приоритети во смисла на надворешната политика на германското претседателство е да почне преговори со Северна Македонија и додаде доколку е тоа можно и се исполнат условите предвидени од март и за Тирана, за Албанија. Така што, мислам дека има целосно разбирање за нашите позиции што не значи дека ние треба да престанеме апсолутно со максимални напори да најдеме разбирачка и со Бугарија во рамките и за прашањата за коишто е можна разбирачка. Тука сигурно не спаѓаат идентитетот и македонскиот јазик“, рече Димитров.

Искажа увереност дека сите земји членки на ЕУ „се свесни, а особено соседите „дека станува збор за „многу едноставен избор“: „или ќе имаме заеднички успех или ќе имаме заеднички дебакл оти евентуалниот неуспех нема да е само македонски, туку ќе биде пораз и за европската слика за соседна Бугарија, ама пред се за самата Европа и за нејзините основни вредности“.

Владата, уверува Димитров, се подготвува за „успешното, победничкото сценарио“.

Истакна дека доколку работите се движат во посакуваната насока по првата меѓувладина конференција со почетокот на следната 2021 година ќе се продолжиме со скринингот, аналитичкиот преглед на европското право и тоа со билатерален преглед по кластери и соодветни поглавја.

„Доколку работите се движат според планираната динамика би можеле да очекуваме до крајот на 2021 година да го отвориме и првиот кластер. Како Влада очекуваме дека со фокус и јасен приоритет и работа ќе можеме во текот на нашиот мандат да отвориме близу 80 проценти од поглавјата и да обезбедиме подлога за следната влада да може успешно да ги затвори преговорите и да резултира со пристапен договор и полноправно членство во ЕУ“, рече Димитров.

Притоа оцени дека на тој пат е потребно вклученост на сите општествени и политички чинители во земјава.

„Отвораме можност и повикуваме за дијалог и соработка со опозицијата во рамки на собраниските тела, но и надвор од нив. Истото важи и за граѓанското општество, за невладините организации, истото важи и за приватниот сектор и нашите компании. Сакам да си подадеме рака и да покажеме дека тогаш кога на нашата Македонија можеме да работиме заедно“, додаде Димитров.

Процесот на носење на Европа дома, според него, е и за да овозможиме европски начин на живот, надеж  за успех и просперитет особено на следната генерација, на нашите млади нема алтернатива.