Димитров: Проблематизирањето на македонскиот јазик не е во согласност со вредностите за кои се залага Европа

Ако постои политичка волја и лидерство во Бугарија, мислам дека можеме да
најдеме европско решение кое би било добро и за македонско-бугарското
пријателство и за европското ветување кон регионот и за Северна Македонија, вели
вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Во интервјуто за Euronews со наслов „Дали Северна Македонија ќе ги закопа идеалите на ЕУ? “, вицепремиерот Никола Димитров зборува за предизвиците и пречките на патот на Македонија кон Европската унија.

Осврнувајќи се на односите со Бугарија во контекст на ветото за отворање на пристапни преговори со ЕУ, Никола Димитров истакнува дека тоа оди на штета и на меѓусоседските односи и на кредибилитетот на Унијата.

„Тоа што Бугарија го доведува во прашање правото на земјата да го обликува својот сопствен идентитет и историја, создаде само горчина во една од најпроевропските земји на континетот. Дали проблематизирањето на македонскиот јазик е во согласност со она за што се залага Европа? Зарем Европа не треба да биде континент каде се негува јазичната и културната разновидност и каде што сите нации се третираат достоинствено и со почит? Зарем прашањето за тоа кои сте и на кој јазик зборувате не е прашање што ги засега единствено и само тие на коишто се однесува?“, вели Димитров.

Во таа смисла, Димитров нагласува дека отпочнувањето на преговорите е повеќе од заслужено поради пропуштеното време и преседаните на евроинтегративниот пат, но пред сѐ поради постигнатите резултати во приближување кон европските стандарди и покажаното лидерство и зрелост во решавање на проблемите.

„Изгубивме генерации во чекалната на ЕУ. Го започнавме нашиот пат кон Европа, по Словенија и пред Хрватска. И двете земји станаа членки пред неколку години, а ние сè уште се бориме да ги започнеме пристапните преговори. И, токму кога конечно го решивме прашањето со Преспанскиот договор, опкружени со меѓународни признанија и ветувања за преговори со ЕУ, пред нас се исправа уште една планина“, додаде Димитров.

Сепак, Димитров подвлекува дека и покрај последното разочарување, Владата останува посветена на остварување на аспирациите за членство во ЕУ и ќе продолжи активно да бара решение, но со истакнување на одредени позиции од кои нема отстапување.

„Ако постои политичка волја и лидерство во Бугарија, мислам дека можеме да најдеме европско решение кое би било добро и за македонско-бугарското пријателство, и за европското ветување кон регионот, и за Северна Македонија. Но, тука има едно ‘ако’, затоа што ние веќе сторивме сè што можевме. И, искрено, доколку мојот мајчин јазик, македонскиот, е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде. Тогаш, ЕУ и не е тоа што сме мислеле дека е – заедница на вредности“, заклучи вицепренмиерот.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.