Димитров се соочи со „црвената линија“ на Коѕиас, нема прием во ЕУ и НАТО под референцата

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, во Атина во средата на заедначката прес-конференцијата со македонскиот колега по должност Никола Димитров, беше дециден дека неговата земја ќе го поддржи соседот за членство во меѓународните организации, но главниот услово и натаму е да се реши спорот за името на државата.

Коѕиас рече дека членството на „ПЈРМ во НАТО и ЕУ“ може да се оставри само преку изнаоѓање компромис за името и потпишување на нов договор во Обединетите нации.

„Што се однесува до ПЈРМ, ако така сака земјата, ние сакаме таа да стане членка и на НАТО и на ЕУ, и како што кажав, ова може да се оствари со изнаоѓање компромис за прашањето за името и во ОН да се потпише нов договор, потоа да се отиде во Брисел и тој нов договор да се објави и да се запознаат бриселските институици со тој нов договор“, рече Коѕиас одговарајќи на прашањето дали ќе дадат поддршка за членството на Македонија во НАТО под привремената референца ПЈРМ.

Со ваквиот одговор, Коѕиас практично најдиректно ги отфрли очекувањата од македонска страна дека, сепак, е можен прием во НАТО со референцата, што како иницијатива го презентираше Зоран Заев минатата недела во Брисел.

На оваа изјава на шефот на грчката дипломатија ѝ претходеше едночасовна средба зад затворени врати меѓу министрите, по којашто се одржа средба на двете делегации, а планиран е и работен ручек.

Димитров, пак, изјави дека средбата во Атина е „добар почеток“ и дека на Македонија и е потребна помошта од Грција, при што од двете страни беа најавени чекори за „градење доверба меѓу двата народа“.

 

„Сакам да ве убедам дека ние сме фокусирани на границите кои ги имаме и премногу чекаме во чекална во еден регион кој не е во идеална кондиција Бидејќи сме во нагорна линија потребна ни е помош, и мислам дека ова е добро и за вашата земја. Главната порака која сакам да ја испратам при посетата е дека барање поддршка од Грција да напредуваме на евроинтегративниот пат“, рече Димитров, нагласувајќи дека во овој регион, иако е потребно време да се сфати тоа, земјите напредуваат или назадуваат заедно.

 

„Грција сака да му помогне на нашиот сосед. Важно е да имаме пријателски односи со министерот Димитров. Со денешните дискусии нема да го решиме прашањето, меѓутоа градиме позитивна клима и имаме позитивна рамка за решавање на ова прашање. Не е доволно да имате добри намери, потребни се и напори за добро решение“, одговори Коѕиас.