Димитров: Со мудрост и пријателство да се решаваат прашањата за историјат

Не може ако некој херој кој што е важен и за Бугарија и за сега Северна Македонија да има право на самоопределување, се повикуваме на самоопределување, а јас денес жив да немам право на самоопределување – Македонец што зборува македонски јазик. Тие два курса со мудрост и пријателство треба да ги изиграме. Но, не може да дозволиме да се добиваат политички поени со некој кој со трн го боцка соседот. Тоа е најлесно, ама така ќе бидеме веднаш назад.

Ова го истакна вечерва на прес-конференцијата по завршување на Министерскиот состанок во рамки на Берлинскиот процес во Скопје шефот на дипломатијата Никола Димитров запрашан како ќе се докаже дека македонскиот тим од Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања е надпартиски и надполитички.

Тој нагласи дека Комисијата не работи по инструкции, како и дека во услови на преизборие овие теми очигледно стануваат се потешки и оние што сакаат да го срушат процесот што го започнаа двете земји многу лесно можат да ги користат овие работи во предизборие.

-Ако имплицирате дека таа Комисија е политички орган апсолутно не е. Тие работат така како што мислат, како научници историчари. Мислам дека е поважно за овие теми да има општествени дебати, дебатите да не бидат само во кругот на историчарите, туку да има и јавни дебати. Малку да се рашири, бидејќи ние сакаме цел овој процес да биде прифатен од целиот народ, од општество и тоа значи дека треба голема мудрост како ќе го менаџирате. Јас не гледам како тој процес може да заврши освен со поголема отвореност од ваша страна за сегашноста и со поголема самодоверба од наша страна во однос на минатото, нагласи Димитров.

Нагласи дека е здраво да се зборува за овие теми, но не со обвинување. Ние имаме автентичен интерес, дури и да ја тргнеме ЕУ на страна, и Софија да не е член, мислам дека како соседи анти-историски е македонскиот народ да не биде близок со бугарскиот народ, рече Димитров.

Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева рече дека се согласува со Димитров дека е потребна мудрост, и дека и двата процеса се поврзани.

-За да изградиме вистинско пријателство ние треба навистина минатото и реалноста да ги разгледаме. За Комисијата вие обвинувате дека ние политизираме, во исто време вашата комисија реши да нема средби. Знам дека е тешко за време на избори, тие прашања се политизираат, рече Захариева и нагласи дека е важно националните теми кои се користат за време на избори заради ситни политички поени, да не се користат после изборите.

Запрашана колку строго Бугарија ќе се придржува кон преговарачката рамка од октомври, лани, во делот на јазик и историја, Захариева рече дека таа позиција е усвоена од Парламентот и оти стриктно ќе се придржуваат кон таа рамка.

На прашање во врска со владеењето на правото во земјава во контекст на СЈО, Димитров меѓу другото истакна дека во ажурираниот Извештај на ЕК од 2 март јасно стои дека имаме прогрес во имплементацијата на стратегијата во судството, и оти предметите на СЈО сега се преземени од редовното обвинителство, веќе има пресуди, судски процеси кои се во тек и има истраги.

-Точно е дека тоа тело беше најголемата надеж за правда, во очите на народот, кај мене лично исто така. Точно е, се чини дека наместо да се испорача правда се тргувало со правда. Меѓутоа важно е како системот реагираше на тоа. Важно е дека имаме судски процес со огромно внимание од целата јавност, и со една за наши услови релативна ефикасност на одвивањето на тој процес. Каде е сега специјалната јавна обвинителка – таа е таму кај што е, бидејќи се чини дека тргувала со правдата. Мислам дека имаме напредок, дека не сме таму каде што сакаме да бидеме како правна држава, ама мислам дека нема ниту еден аргумент и тешко е да се најде земја што е поспремна или била поспремна на почетокот во оваа фаза на пристапните преговори, рече Димитров.

Во Скопје денеска се одржа Состанок на министри за надворешни работи, со кој се означи почетокот на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на Северна Македонија и Бугарија за 2020 година.